Во Холандија има повеќе велосипеди од луѓе

49

Во Холандија има повеќе велосипеди отколку луѓе. Таму сè е насочено кон велосипедизмот, што им овозможува на Холанѓаните со ова превозно средство годишно да преминат во просек околу 15 милијарди километри.

Велосипедите станаа симбол на Холандија. Возењето велосипед во Холандија е забавно и тоа не само затоа што земјата е рамна. Велосипедската инфраструктура е фантастична и постојано се шири бидејќи холандските власти против климатските промени не се борат само декларативно.

Во земјата има 37.000 километри велосипедски патеки, не сметајќи ги тесните, помали ленти кои излегуваат на коловозот покрај автомобилите и автобусите, бидејќи такви има уште 4.700 километри.

Постојат „велопати“, односно посебна категорија на брзи ленти за велосипеди односно еден вид автопат за велосипедисти. Таму нема семафори, ниту крстосници, а никој освен велосипедистите не смее да се движи по нив. Постои дури и лента за преминување, за оние кои своите велосипеди ги возат побрзо.

Насекаде низ градските центри, на универзитетите и плоштадите постојат големи паркинзи за велосипеди. На пример, во Амстердам, старите бродови се претворени во пловечки гаражи. На главната станица во Утрехт се наоѓа најголемата гаража за велосипеди во светот, со 12.500 места и три ката. Паркиралиштата често се надгледувани, отворени 24 часа и обично бесплатни.

Велосипеди за помалку од четири евра на ден може да се изнајмат на секоја поголема станица.

За да се спречи сообраќајниот метеж, на велосипедските патеки има сигнализација која на велосипедистите им укажува колку брзо треба да возат за да го фатат „зелениот бран“, односно серијата на зелени светла на повеќе семафори.