Во Минхен почна 185. издание на Октоберфест

118

Во Минхен денеска почнува 185. издание на познатиот фестивал на пивото Октоберфест, јави ДПА.

Традиционално, почетокот на настанот е во 12 часот по локално време, кога градоначалникот Дитер Рајтер ја отвора тапата од првото буре со пиво. 

Фестивалот продолжува до 7 октомври, а годинава ќе мине во услови на зголемени безбедносни мерки. Нови штандови, екстра видео камери, повеќе полицајци со камери прикачени на нивното тело – се само некои од безбедносните мерки. Околу 600 полицајци ќе се грижат за безбедноста на фестивалот, кој минатата година беше посетен од 6,2 милиони луѓе.

Полицијата  по првпат ќе ги тестира и таканаречените „агенти за супер-препознавање”. Тоа се полицајци кои внимателно гледаат на сомнителните лица и внимаваат на нив за време на фестивалот. Овие агенти, исто така, ќе ги проверуваат снимките од 47 камери.

Пет часа пред почетокот на фестивалот, денеска стотици обожаватели на пивото и на празнувањето почнаа да се собираат на местото на настанот, облечени во традиционални баварски кожени панталони или носии. 

На Октоберфест пивото се сервира во еднолитарски чаши, а цената е 11.50 евра. Покрај пивото и вкусната храна, посетителите на фестивалот можат да уживаат во многу различни искуства.