Во книжарница во Тајван посетителите купуваат во мрак

57

Нешто сосема невообичаено им обезбеди на своите клиенти уникатна книжарница во Тајван, каде што посетителите купуваат исклучиво во мрак.
„Вугуан букс“ се наоѓа во уметничкиот центар „Пиер2“ во Каосиунг, магацин што е претворен во креативна книжарница, втора по големина во тајванскиот град, пишува „Си-ен-ен травел“. Посетителите минуваат низ продавницата во екстремен мрак, освен затемнетите рефлектори врз секоја корица на книгите и светлата за читање на некои маси, ништо не е видливо. Уникатната книжарница е создадена и основана од наградуваниот архитект и дизајнер Чу Чих-канг. Чу ја дизајнирал и книжарницата „Фангсуо“ во градот Ченгду, која локалните медиуми ја опишаа како најубавата книжарница во Кина.
Комбинацијата на темниот простор и слабо осветлените книги создава илузија дека книгите „лебдат“, а посетителите што биле таму велат дека тоа е одлично искуство. Во продавницата има 400 полици за книги.
– Ова е дизајнирано така што луѓето можат да се фокусираат на секоја книга. Во простор каде што не можете да гледате, вашите други сетила ќе бидат подобрени – вели Су Ју-Шан, управителката на продавницата.

Во книжарницата не смеете да го користите ни вашиот паметен телефон за да го осветлите патот, бидејќи употребата на ламби и светла е забранета.
– За време на посетата на „Вугуан“ подобро е да се посветите на себе наместо да направите привлечни фотографии за Инстаграм. Иако немаме масивен избор на книги, како што имаат вообичаените книжарници, луѓето поминуваат долго време тука за да комуницираат со книгите – вели Су.
Таа додава дека темната средина им помага да земат книги што не се осмелуваат да ги земат од другите книжарници. Најчесто еротски, но и книги за душата, емоциите или негативната енергија.