Во друштво на децата можеш да бидеш само подобар човек

20

Ивце Пивце за својата втора книга за деца

Втората книга раскази за деца на Ивица Маринковиќ, познат како Ивце Пивце, со интересен наслов „За можење можам, но дали смеам“, ќе биде претставена в понеделник, во 12 часот, на штандот на „Просветно дело“ на Саемот на книгата.

Дали сте задоволен од сработеното и зошто чекавте цели осум години, по објавувањето на првенчето „Чај од мајчина душичка“?
– Чувствата се измешани, но сите се позитивни: среќен, задоволен, горд, но наедно и нестрплив промоцијата да помине и да почнам нова книга. Презадоволен сум од соработката со „Просветно дело“, од директорката Весна Дукаоска и од одговорната уредничка Ана Иванова. Убеден сум дека заедно ќе соработуваме и на мојата наредна книга.

Писателот Киро Донев во својата рецензија вели дека не само што можете туку и морате да продолжите да пишувате за најмладите…
– Со Киро Донев случајно се запознавме пред неколку години. При таа средба му ја подарив мојата прва книга, сакав да го чујам неговото мислење, со оглед дека тој е еден од најдобрите писатели за деца во Македонија. По неколку дена ми се јави на телефон и буквално ме занеме со пофалбите за моите раскази. Постојно ми повторуваше дека стилот е оригинален и дека треба да продолжам и понатаму со пишувањето. При издавањето на оваа книга, воопшто не се двоумев кој да каже два-три збора за книгата. Ни самиот немаше поубаво да се претставам.

Велите дека сите ликови и случки во книгата се вистински, значи ли тоа дека децата ви се доверуваат, или понекогаш ѕиркате во нивниот свет?
– Не, јас никогаш не ѕиркам! Во секоја смисла. Тоа не е мој стил. Или сум или не сум присутен. Со цела моја душа и тело. Кога сум веќе присутен, тогаш сум максимално искрен. Така е стекната заедничката доверба. Приказните се вистински случки од периодот кога растеше ќерка ми. Дури и имињата се тие, само испреплетени. Им благодарам на ќерка ми Јана и на сите нејзини другари од детството.

Убавите илустрации се дело на средношколецот Никола Димов, ваш „стар“ пријател…
– Да, Никола Димов е мој „стар“ пријател од детството, но она неговото. Беше дел од детскиот камп „Котиледонија“, потоа од радиоемисиите, а соработуваме и во сегашната ТВ-емисија. Има голем талент за илустрација и анимација. Но ова за него е само почетно ниво, загревање, очекувајте го избликот на неговиот талент наскоро. Илустрациите во книгата намерно се црно-бели: читателите сами да ја обојат својата приказна. Ќе следуваат и конкурс и стрип од истите илустрации.

Со децата другарувате повеќе до 20 години, дали нивната искреност и чистота ви помагаат и самиот да бидете подобар човек?
– Најпрво да расчистиме една работа, во друштво на децата не можеш да бидеш полош човек. Можеш да бидеш само подобар. Не само јас туку секој што живее и работи со нив. Насловот „За можење можам, но дали смеам“ е навистина интересен и провокативен, но тоа е мојот реален и искрен став во однос на децата. Убеден сум дека децата можат сѐ, но само ако им дозволиме ние возрасните. Затоа и велам, ајде да ги оставиме децата да нѐ воодушевуваат, да уживаме во нивното друштво, додека сѐ уште нѐ дружат.

Колку поддршката е позитивен фактор детето да израсне во реализирана и здрава личност?
– Секоја личност бара внимание и поддршка. Детето особено. Нечовечки е да не дадеш поддршка и внимание, особено не на сопствените деца. За тоа мора да најдеме време, затоа што во тој процес единствено што не може да надоместиме е времето. Ако ја прескокнеме таа прва фаза, ја нанесуваме најголемата лузна во животот на едно дете.

Имавте ли вие поддршка при создавањето на книгата и во реализацијата на проектите, воопшто?
– Сите мои проекти се труд на долги и креативни разговори со мојата сопруга Аге, најчесто тоа се прошетки по кејот на Вардар. Но расказите во книгата не произлегоа од тие прошетки, туку од долги непроспани ноќи пред компјутер. Кога сите ќе потонеа во сон, јас потонував во идеите, сликите, дијалозите од расказите. Утредента со нетрпение ја очекував беспоштедната критика од Јана и Аге. Најтежок дел ми беа корекциите, но, за среќа, немаше многу. Тие се мојата најголема поддршка. А децата се моја инспирација.

Која е вашата порака до возрасните?
– Возрасните малку да забават, да застанат, да се поднаведнат и да продолжат да живеат заедно со своите деца, од кои може многу да се научи, но потребни се внимание и трпение. Тоа не е книга, ќе седнам вечер и ќе ја прочитам. Не, тоа е процес на заедничко внимание и поддршка. Кога ќе се влезе во нивниот свет, дури тогаш може да се почне со учење. Тогаш ќе се потсетиме на сите човечки вредности што сме ги изгубиле патем, трчајќи кон лажни, во кои живееме ние возрасните. За почеток ќе се потсетиме што беше тоа љубов, среќа, радост, сите оние зборови што механички ги расфрламе при честитање големи празници.