Во Дебарско нема коледари, но има суројчари

229

Во поширокиот дебарски регион, според наследената традиција, нема коледарчиња за Бадник, но затоа за Василица има деца суројчари.

Тие во рацете држат, како што се нарекува, суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.

Утре претпладне тие ќе ги посетат православните домови и откако домаќините ќе ја отворат вратата ги „удираат“ по глава и пеат „Сура, сура година, догодина повесели“, по што се дарувани, пред сѐ, со пари, но и со благо, костени, ореви и овошје.

Некогаш кога на овие простори живееле поголем број православни жители само во градот имало по повеќе од десет групи, составени од по десетина деца, но последните години оваа традиција ја продолжуваат најмногу две групи, од по четири до пет деца.

Како што наложува вековната традиција денеска домаќинките приготвуваат пита или како што дебарчани го нарекуваат виткан комат, со паричка, која каде што ќе се падне се верува дека носи среќа цела година.