Восочните фигури од Ѓоковиќ, Путин и Тито главна атракција за туристите во Србија

204

Музеј на восочни фигури во српскиот град Јагодина, кој е единствен во Србија, деновиве е најпосетена дестинација на туристите, а фигурите од рускиот претседател Владимир Путин и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, привлекуваат најголемо внимание, рекле вработените во музејот, пишува Танјуг.

Фигурата од првиот рекет во светот е поставена во 2012 година, а веднаш по нејзиното поставување, посетите на музејот се зголемиле за 30 отсто, додека фигурата на Путин, поставена во 2016 година, го подигнала нивото на посети за 50 проценти, велат од музејот.

Млади луѓе и спортисти најмногу се задржуваат кај фигурата на Ѓоковиќ, а повозрасните и странците кај фигурата на Путин. Сите се фотографираат покрај овие фигури. Големо внимание привлекува и восочната фигура од претседателот на СФР Југославија, Јосип Броз Тито, како и од неодамна поставените фигури од поранешниот и сегашниот претседател на Египет, Гамал Абдел Насер и Абдал Фатах Ел Сиси.

Претседателот на градското Собрание, Драган Марковиќ-Палма најави наскоро фигура и од претседтелот на Србија, Александар Вучиќ и првиот потпретседател на Владата, Ивица Дачиќ.