Владимир Кухар: На крајот хаосот ќе освои сѐ!

520

Универзумот на „Ворхамер“ е приказна за 41-виот милениум во кој човештвото е во постојана борба за преживување, опколено од непријатели кои се обидуваат да уништат сѐ што е свето за човечката раса. Демони на хаосот земаат дел по дел од Империјата на Вечниот Император, оној кој го осветлува патот на луѓето до нивното спасение.
Во Македонија, мал број луѓе ги водат овие битки, склопувајќи ги своите минијатурни армии и ја живеат војната на фантастичниот 41-ви милениум. Преку нивното хоби тие ги водат своите армии во поход и креативно и уметнички се изразуваат, две работи без кои нивната игра не би била тоа што е. За подобро да се запознаеме со универзумот на „Ворхамер“ поразговаравме со Владимир Кухар од Скопје.


Како започнавте со играњето на „Ворхамер“?

– Првпат наидов на играта пред околу десет години. Мои другари имаа купено три армии, па бев присутен една ноќ кога тие играа и кога видов како се движат со моделчиња по терен со руинирани згради, веднаш се заинтересирав за играта. Првите десет одиграни партии не знаев што се случува, ми беше само битно да ги гледам минијатурите и да ги движам по теренот.

Какви се правилата на играта „Ворхамер“ и за колку играчи станува збор во една рунда?

– Правилникот е едно големо книгиче кое се нарачува од Интернет. Но, можат да се најдат и дигитални правилници за преземање. Најчесто се двајца играчи, кои користат општ правилник за игра и секоја одбрана армија си има свој кодекс или правила, а тој кодекс на секои три до четири години се ажурира од страна на креаторите со нови работи. Може и да се екпериментира. Еднаш имавме битка во која учествувавме четири играчи и буквално ја игравме шест часа и беше неверојатно.

За какви мисии станува збор? Која е целта на целата борба?

– Единиците се движат и напаѓаат, а секој напад и движење се одредува со посебни статистики и вртење на коцки. Начинот на играње е одреден од мисијата која ќе ви се падне. Таа може да бара играчот да држи повеќе цели и територии на теренот, да заземете реликт кој треба да го заштитите како и уништување на армијата на противникот. Има и повеќе типови игри, вклучувајќи наративно играње. Секој добар генерал знае како да ги употреби слабите и моќните единици на својата армија. Ако си ја сакате и знаете сопствената армија, ќе знаете и како да ја играте. Дури и најслабите единици можат да направат промена за време на играта.

Колку време постои заедницата „Воен Чекич“ и колку луѓе се активно внесени во ова хоби?

– Групата „Воен Чекич“ на Фејсбук постои околу пет години, а отприлика околу 10 луѓе активно играат и ги надградуваат армиите. Но бројот на „култистите“ се зголемува од ден во ден. Секој вторник во „Друштвени Игри Гоблин“ околу 17 часот играме „Ворхамер“. Играме и приватни рунди, а минатата година случајно одржавме и мал турнир.

Кажете ни за склопувањето на фигурите и изработката на терените.

– Доколку се нафатите да ја играте играва а немате желба да склопувате и фарбате играчки, сте ја утнале работата и оваа игра не е за вас. Ова мене најмногу ме привлече, посебно и фактот што во самиот правилник има секција во која креаторите ве мотивираат да бидете креативни, сами да создадете своја приказна за армијата, да креирате свој свет. Фигурите доаѓаат со дополнителни резервни делови и тие делови можат да ви послужат за креирање на дополнителни импровизирани фигури. Секако, тие можат и да се разменуваат.

Терен со две армии

Теренот, од друга страна, почнав да го изработувам од работи наменети за аквариум купени од пет шоп, бидејќи една од моите планети е џунгла. Отидов, се изнакупував дрвца и растенија од пет шопот и дома се фатив со комбинирање, сечење, прелепување. Било кој материјал да го употребите во момент на инспирација може да се искористи, сѐ е употребливо.

Каков е процесот на боење на фигурите?

– За боењето на фигурите има процедура, се почнува со нанесување на основен слој, најчесто со четка, но јас бидејќи сум мрзлив, преферирам со спреј. Вториот слој и деталите почнуваат да се додаваат отпосле, акрилната боја подобро се лепи на првиот слој. Доколку боите на гола пластика, бојата брзо се распаѓа и морате да ја поправате нон-стоп. По фарбањето на деталите, омилениот дел од целиот процес ми е креаирањето сенки. Со четката се исцртуваат линии насекаде, и боите влегуваат во сите вдлабнатини и прават играчката да има една реален, извалкан изглед, баш како да била фигурата во битка.

Необоена фигура

Дали станува збор за скапо хоби?

– Тоа да. Во принцип, од „Гејмс Воркшоп“ знаат да ги зголемат цените од време на време. Но, прилично е прифатливо, а има и алтернативи на Интернет. Една почетничка армија би била околу 150 евра минимум. Секако, дополнителни модели можат да се изработуваат и од ефтини играчки купени од продавница, само треба да се употреби креативноста и да имате волја да потрошите малце време и труд.

Тенк од дополнителни делови, кутија од цигари и пенкало

Кој Ви е омилен сет, колку армии има во „Ворхамер“?

– Многу луѓе прават една грешка и прашуваат која армија е најсилна. Ова е најпогрешниот пристап кон оваа игра. Не станува збор за тоа да платиш за да победиш. И да ја имате најсилната армија, потезите зависат од вртењето на коцките и не знаете како тоа на крај ќе излезе.

Воини на Хаосот

„Ворхамер“ е една неверојатна приказна, во која е опишано до каде стигнува човештвото во 41-виот милениум. Може да се опише како приказна за луѓе, орки, елфи и демони, но во вселената! Се е мрачно и морбидно. Јас мислам дека најдобра армијата е онаа со која најмногу ќе се приврзете со неа, ќе ја обоите и моделирате онака како што сакате. Играм армија од бубачки „Тираниди“, ја играм „Империјалната гарда“, што всушност се обичните луѓе од 41-виот милениум, а третата армија ми е „Армијата на хаосот“, оние избезумени луѓе кои се целосно предадени на силите на хаосот и крвопролевањето. Карактерно, најмногу се гледам во Хаосот. На крајот Хаосот ќе освои сѐ! Универзумот на „Ворхамер“ е составен од неверојатни научно-фантастични приказни и верувам дека секој љубител на тој жанр ќе се пронајде во него.