Вистинското лице на кинеската „грижлива мајка“

446

Педесет и четиригодишна жена која се сметала за филантроп поради посвојување на 118 деца, беше осудена на 20 години затвор, пренесува Би-би-си.

Судот на Ву’ан во провинцијата Хебеј во Кина вчера ја прогласи за виновна Ли Јансија, во јавноста позната како „грижливата мајка“, за изнуда, измама и фалсификување. Таа била парично казнета во висина од 350.000 евра.

Петнаесет соучесници, вклучувајќи го и нејзиното момче, исто така беа осудени.

Судот утврди дека Јансија, која е поранешна сопственичка на сиропиталиште, го злоупотребила влијанието во сиропиталиштето.

– Таа, меѓу другите злосторства, заедно со нејзината банда изврши и измама за да добие огромна сума на пари – стои во објавата на веб-страницата на судот на Ву’ан .

Нејзиното момче Су Чи беше обвинетo за изнудување, измама и нанесување физички повреди. Тој доби затворска казна во траење од 12 и пол години и парична казна.

Другите 14 соучесници добија затворски казни до четири години.