Вистинската уметност лежи во ситните саати од денот

1003

Нина Симовска денеска, од 19 часот, има изложба на рачно насликани ѕвончиња за велосипед во кафе-барот „Че“

Нина Симовска веќе десет години го воздигнува својот бренд „Џаст бикоз“. Твори на платно и на нотеси, создава мурали, уникатни тапети, црта на ламби и на шолји, креира креативни и автентични илустрации, а денеска, од 19 часот, во кафе-барот „Че“ има изложба „Рајд јор стори“ на рачно насликани ѕвончиња за велосипед.
– Придонеси за подобар вело-град, така што ќе бидеш внимателен во сообраќајот и паметно користи го своето ѕвонче – порачува Нина.

Како се нурнавте во светот на ѕвончињата за велосипеди, кој беше поривот да им дадете доза на оригиналност и на ѕвончињата?
– Сакам да им додавам секундарна уметничка вредност на секојдневните предмети околу нас. Ѕвончињата произлегоа од мојата желба да си го украсам моето ѕвонче за велосипед. Имав идеја да го освежам мојот стар винтиџ-велосипед. Штом ми се допадна, добив напад да направам уште многу повеќе. Специфични се за работа заради нивната форма, но тоа уште повеќе ме тера да направам мали уметнички дела. Одличен подарок за страсни љубители на велосипед.

Вашата креативна експресија нема граници. Kој е вашиот извор на инспирација?
– Морам да признаам дека изворот на инспирација значително ми се менува низ годините. Најчесто главната инспирација ми доаѓа од љубовта, но и од вечната битка со себе. Секој проект да е подобар, секое уметничко дело да е поквалитетно од претходното.

Креативноста ја пресликувате во широк спектар уметнички форми, што особено ве полни и ревитализира?
– Секое ново искуство и нов ризик во животот ми отвораат нови хоризонти. Без разлика дали ќе донесат среќа или тага, учам секој ден да го извлекувам максимумот од секоја ситуација. Се докажа како неисцрпен извор на мотивација. Дружењето и долгите разговори со пријателите ми ги полнат батериите.

Што го вади најдоброто од вас? И што ги спојува сите овие уметнички форми?
– Најдоброто од мене го вади желбата да се остави трага во животот. Некако премногу е краток за сите идеи што сакам да ги реализирам. Некои од нив мора да дојдат подоцна во животот, а спојот го барам во мојот карактер. Имам потреба да работам со патерни, но уште повеќе ми се предизвик некои сликарски техники. Сакам да експериментирам и не се лимитирам да испробувам нови работи. Линијата ја поставува секој уметник сам. Вистинската уметност за мене лежи во ситните саати од денот, во производот на експериментот.

Творите на платно, создавате мурали, но цртате и на ламби. Придонесувате да светнат во поинаква димензија. Што ве иницира да им дадете инвентивно светло на ламбите?
– Ме предизвикува додавањето уметничка вредност на обичните производи. Сликањето на абажурите од ламби претставува своевидно сликање на платно. Интересен е моментот дека уметничкиот производ на крајот завршува со две димензии. Едната е прекуден, кога ламбата не свети, а втората е кога светлината продира од заднината на платното. Може да претставите две различни композиции. Интересен предизвик е.

Неретко испраќате моќни пораки со вашиот ракопис. Што сакате најсилно да допре до публиката? Kаков трепет носи „Џаст бикоз“?
– Моќните пораки што сум ги користела досега биле моментални искри на моето соочување со животот. „Фиар ис лајер“, „Ис дер енибади аут дер?“ и слично се посебно упатени кон оние што се соочуваат со тежината да бидат осамени, отфрлени или се борат со депресија.
Само едно мало потсетување дека сите сме на некој начин сами на овој свет, но и дека не мора секогаш сами да поминуваме низ него. Животот е убав, дури и кога е најтежок, некои прашања не мора да бидат одговорени, a „Џаст бикоз“ понекогаш е сосема доволен одговор.

Создадовте лик за сликовница со еколошка порака…
– Детската сликовница е за организацијата „Нула отпад“, која се занимава со собирање и рециклирање електричен и електронски отпад. Ми беше прво вакво искуство и морам да признаам дека, со оглед на краткото време што го имав на располагање, ми беше огромен предизвик.
Цртањето на компјутер и дигиталната илустрација ми одат од рака, но се многу различни од техниките што ги имам работено досега.
Без да завлегувам во работата на моите колеги, се надевам дека ќе им се допадне на сите. Станува збор за кратка приказна за издигање на свесноста кај децата и постарите дека треба да го селектираме нашиот отпад и на таков начин и ние да придонесеме кон почиста животна средина, особено во услови кога се соочуваме со огромна загаденост на воздухот и природата.

На живописен начин декорирате домови. Како би го креирале вашиот идеален дом? Што му влева најсилна топлина на домот?
– Навистина интересно прашање. Со години се трудам да одговорам и имам проблем. Го обожавам минимализмот, бидејќи ме смирува и мислам дека ослободувањето од ситните непотребни предмети околу нас ни го олеснува живеењето. Но поради мојата работа јас сум неизбежно опкружена со материјали околу мене. Милион четки, платна, хартии, скици, завршени, незавршени и сл. Можеби дневен престој во смирен минималистички стил и голема работилница/ателје за сè друго. А кога е во прашање топлината на домот, неа ја создаваме сами. Но камин, секако, не би пречел.