Вили Нелсон – неуништливиот кантри-одметник

50

Неговата кантри-музика е толку моќна и автентична што има големо влијание врз рок, фолк и блуз-музиката, па дури и врз госпелот

Кантри-музиката ги има Хенк Вилијамс, Џони Кеш, Емили Харис, Кени Роџерс, Петски Клаин, Доли Партон и многу други великани, но мој фаворит дефинитивно е Вили Нелсон. Тој е американски кантри-пејач, композитор, актер и активист за легализација на канабисот. Жива легенда на американската кантри-музика. Американска кантри-икона.

Роден е во 29 април 1933 година во Тексас и во неговите вени тече крв на Чероки Индијанец по линија на неговата мајка, Ира Дојл Нелсон. Од шестата година свирел на гитара, кога имал седум години ја напишал првата песна, а веќе на деветгодишна возраст го формирал првиот бенд. Но го знае ли некој навистина Вили Нелсон? Од Тексас до Сан Франциско го сметаат за јунак – еден од најголемите американски музички автори, хипик на сите хипици и реднек на сите реднеци (белец од работничка класа, од јужните краишта на САД, политички реакционер и контраш).

Кога е во прашање изведбата на кантри-музиката, никој не звучи како Нелсон. Тој е извонреден вокален интерпретатор, кој многу добро ја владее техниката рубато, а со него можат да се споредат само Реј Чарлс и Френк Синатра. Инаку, рубато е умешност да се растегнува ритамот и продолжува слогот толку долго што едноставно не е за верување. Тоа е еден вид музичко чудо. И токму во тоа чудо Вили Нелсон е најдобар. Познато е дека кантрифолк-насоките на Боб Дилан и Грејтфул Дед влијаеле на хонки-тонки звукот, но Вили Нелсон беше подготвен да оди и чекор подалеку. Тој кокетираше со своите свинг и џез-корени и на нив ги додаваше звуците на усна хармоника и госпел-тоновите на клавирот.

Од средината на 1980-тите години на минатиот век, Нелсон имаше 20 кантри-хита, освои пет награди „греми“ и глумеше во 6 филма. Повеќе од 60 години тој поминува 150 дена во годината на концерти и турнеи, на кои ги изведува неговите многубројни кантри-хитови, госпел-песните од младоста, но и песните на неговите омилени идоли, како што се Боб Вилис и Лефти Фризел. Тој е последната жива врска со деновите во кои кантри-пионерите, како што е Хенк Вилијамс, свиреа на игранки и американските денс-забави. Тој е иноватор, кој на Нешвил му ги откри новите музички жанрови од џипси-џез до концептуалната музика на хипиците. Инаку, свири од вестерн-свинг, во раните денови од неговата кариера, па до фолк, реге и поп-стандарди во подоцнежните години.

Познат е и по долгите индијански плетенки, кои се негов заштитен знак, и како нескротлив кантри-одметник, кој пее песни во кои се слават бунтовништвото, слободарскиот дух, љубовта и проблемите на малиот човек. Исто така е познат по тоа дека кога претседателот на САД Џими Картер го повикал во Белата куќа, по пријатниот разговор со него, тој се искачил на покривот, каде што пушел марихуана.
Неговата кантри-музика е толку моќна и автентична што има големо влијание врз рок, фолк и блуз-музиката, па дури и врз госпелот. Доколку порочниот Хенк Вилијамс е крал на кантри-музиката, тогаш опуштениот и ноншалантен кантри-зафркант Вили Нелсон е нејзиниот најголем одметник. Познато ни е дека Вилијамс почина многу млад, а сведоци сме дека Нелсон го научил главниот трик на трансцеденцијата – како да ја зафркнеш смртта и за својот 85-ти роденден да снимиш нов албум.

Ете, токму тоа ни го приреди неверојатниот Вили, издавајќи го албумот „Last Man Standing“ („Последниот исправен човек“). Овој албум сведочи за способноста на течно и смислено вкрстување на кантри-музиката со госпелот, блузот, џезот и вестерн-свингот. Сепак, во него има и две-три неодоливи хонки-тонки балади за вечната минливост. Најверојатно поради ваквата музичка ширина, бројот на познатите музичари со кои соработуваше и соработува Вили Нелсон далеку го надминува бројот на неговите години. Тоа се звучни имиња на музиката, кои стекнаа слава со радикално поинакви музички концепти: од Реј Чарлс до Рајан Адамс, од Винтон Марселис до Шерил Кроу, од Хулио Иглесијас до Лион Расел, од Боб Дилан до Нора Џонс. Тука мора да ги споменеме главно солидните албуми што ги снимаше со своите најблиски соработници: Џони Кеш, Крис Кристоферсон, Вејланд Џенингс, Мерл Хагард и многу други.

Нема да се згреши ако се каже дека не постои познат лик од светот на кантри-музиката што не соработувал со светиот Вили Нелсон. Исто така не се малкумина и музичарите што ги обработуваа неговите музички класици како: „Night Life“ и „Funny How Times Sleeps Away“.

Факт е дека и во својата длабока старост Вили остана во извонредна пејачка форма. Тоа и не треба многу да нѐ чуди, затоа што тој никогаш не престана да држи концерти и да снима албуми – пеејќи сугестивно и песни на многу други автори: од Харолд Арлен до Кол Портер, од Отис Ридинг до Тоунс ван Зент.

Познато е дека неговата верзија на песна „Always Оn Мy Mind“ е еднакво добра како оригиналот на Елвис Присли. Неговиот албум „Stardust“ (1978 г.), во кој се содржани неговите хитови од 1930-тите и 1940-тите години на минатиот век, важи за најдобар ковер-албум во историјата и еден од најголемите комерцијални успеси во дискографската индустрија.
Тука треба да се присетиме дека легендарната и неповторлива Емили Харис го прогласи Нелсон за најголемиот американски глас, а кога таква пофалба ќе стигне од првата дама на американската кантри-музика, тогаш тоа најверојатно е така.

И не случајно Кит Ричардс вели дека Вили Нелсон е голем гитарист, кој создаде единствен стил базиран на џезирање на текст-мекс блузот. Тој е последниот каубој што вечно пука од својот музички пиштол. Преку таа негова музичка муниција тој е препознаен и признаен како автор на најважниот кантри-албум во историјата на музиката: „Red Headed Stranger“(1975 г.). Со својот бенд настапува каде што ќе посака и каде што ќе стигне. Тоа го прави човекот што Нешвил го протера, а белите хипици го прифатија како откачен херој. Човек што со албумите „Shout Gun Willie“(1973) и „Phases and Stages“(1974) ги прошири границите на кантрито до неверојатни размери.

Вили е гениј и класик. И многу повеќе од тоа. Единствен револвераш жива легенда. Човек и музичар со чест, во време на бесчестие, човек музичар со талент и страст во време на неталентирани и просечни. Ама затоа тој создава песни што на публиката ѝ влегуваат под кожа, песни чии стихови се цитираат како поезија или народни мудрости. Америка и Американците го обожаваат. Тој тоа и го заслужи.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди