Виктор Орбан стекна неочекуван непријател во Џорџ Клуни

382

Холивудскиот актер Џорџ Клуни влезе во спор со унгарскиот премиер Виктор Орбан, откако ја критикуваше владата на Будимпешта и ја посочи како пример за „гневот и омразата што се гледаат насекаде низ светот“, пренесува „Политико“.

Во интервју за магазинот за мажи „Џи кју“ објавено минатата недела, Клуни зборуваше за снимањето на научно-фантастичниот филм „Полноќно небо“, во кој ја глуми улогата на научник во пост-апокалиптичен свет. 

– Кога снимавме, светот сѐ уште не беше насред пандемија, но ги има сите овие други елементи, како што се омразата и лутината кои ги доживуваме сите ние насекаде низ светот, во овој момент од нашата историја. Погледнете во Бразил кај Жаир Болсонаро или пак, кај Виктор Орбан во Унгарија, ќе забележите многу гнев и омраза – рече Клуни во интервјуто. 

Владата на Орбан не остана покуса и му возврати на холивудскиот актер, нарекувајќи ги неговите коментари глупави, пренесе „Ројтерс“.

– Клуни е добар актер и заслужува почит, но никој не треба да се однесува кон него како кон некој глобален политички пророк. Има луѓе кои шепотат во неговите уши – изјави Тамас Менчер, портпаролот на министерството за надворешни работи на Унгарија.

Клуни ја посети Унгарија во раните 2000-ти години и тогаш веруваше дека таа е „сјаен пример“ за демократски успех по падот на Советскиот Сојуз.