(Видео) Робот му помага на момче од Австрија заболено од рак

92

Доминик, момче болно од рак, седи дома пред таблет и слуша како го поздравуваат неговите школски другарчиња на почетокот на часот. Тој ја следи наставата од дома. Таблетот има програма со која момчето може да управува со робот голем 30 сантиметри. Станува збор за проект во виенско училиште каде што робот му помага на детето, и покрај болеста, да не ја изгуби врската со своето одделение и да може да го следи материјалот.

Со помош на роботот, момчето не само што може да види што се работи на часот, туку и да се јави за збор. Детето со помош на роботот може да слуша и да разговара со учениците, според порталот Eurocomm-PR претставништво на градот Виена.

Неодамна, децата сакаа роботот да го поведат со себе на излет за да може и Доминик да „биде“ со нив. Целта на роботот е да ги поддржува хронично болните деца и млади луѓе да одржуваат социјални контакти и да им помогнат при учењето.

Овој единствен примерок на робот се наоѓа само во едно училиште во десеттиот виенски округ, а беше купен благодарение на поддршката на Европската Унија. Тој чини 3.000 евра, а месечното одржување и осигурување изнесува 80 евра.