Верно куче со денови го чекало сопственикот пред болница

112

Верно куче речиси една недела чекало пред болница во Турција, каде што се лекувал неговиот сопственик. Женката по име Бончук, што на турски јазик значи бисер, била наградена за својата верност со емотивна средба со сопственикот Кемал Сентурк (68), кога тој излегол од болницата во градот Трабзон, во североисточна Турција.

Сентурк бил пренесен во болница на 14 јануари, поради мозочна емболија, а Бончук, која го добила името по нејзините кафеави очи, го следела возилото на брзата помош. Оттогаш, таа се враќала секој ден и чекала пред болницата, а вработените понекогаш ја хранеле.

Ќерката на Сентурк неколку пати се обидела да ја врати дома, но секој пат бегала за да се врати пред болницата.

Кога Сентурк излегол од болницата оваа недела, Бончук истрчала околу неговата инвалидска количка, скокнала за тој да ја погали и замавнувала со опашката, раскажуваат од болницата.

– Човек се чувствува многу среќен поради тоа. Тоа куче ни е премногу блиско, како човечко суштество, и јас сум многу среќен поради тоа – рекол Сентурк.