Венко Серафимов темата „Корона-блуз“ му ја посвети на Скопје

319

Има некоја аналогија во тој 26 јули 1963 и овој денешен корона-земјотрес, кој ја затресе планетава. Некако во рамките на овие две по сѐ изгледа природни катастрофи и нашата исклучителна фрагилност пред силите на природата е таа некоја појдовна точка на моето размислување, вели музичарот

Познатиот македонски музичар Венко Серафимов своето најново инструментално дело, кое го наслови „Корона-блуз“, за кое е снимена и видеоприказна, му го посвети на Скопје. На јавноста ѝ го претставува токму во деновите кога се одбележува 57-годишнината од катастрофалниот земјотрес што до темел го разурна градот.
– Има некоја аналогија во тој 26 јули 1963 и овој денешен корона-земјотрес, кој ја затресе планетава. Некако во рамките на овие две по сѐ изгледа природни катастрофи и нашата исклучителна фрагилност пред силите на природата е таа некоја појдовна точка на моето размислување. Сепак, музицирањето, за среќа, е интуитивна и таинствена работа, па и е некаква авантура по себе, никогаш не знаеш каде ќе те одведе. Да се надеваме и да веруваме дека светската наука ќе се справи на вистински начин со ова чудо од вирус – вели Венко Серафимов.
Делото, како и видеозаписот, Венко го создал изминатите неколку месеци, во самоизолација.

– Сѐ е од домашно производство, го сликав и снимав мојот град, кадрите ги монтирав и режирав дома, а користев материјали што сум ги забележал последните година-две. Опкружувањето е главно моето бившо маало во центар – ни рече познатиот македонски автор, кој се потпишува на многу македонски хитови, но и на музика за филм, театар, балетски претстави…
Како и сите креативци, и тој не е рамнодушен на времето во кое живееме, кое остава трага и на неговите дела.
– Во ова време невреме, такво какво што е низ целава планета, некако ми се чини дека еден од лековите што јас ги практикувам се свирењето и преиспитувањето на некои нови музички идеи и „тренирањето“ гитара малку повеќе од вообичаено. Мислам дека во целава ситуација, да се зачува духовното здравје е многу важно, па дури можеби тоа помага и на некое физиолошко ниво, или барем јас се надевам дека е така. Краткото интро во видеото е познатиот Прелудиум број 4 на Шопен во едно мое музичко видување. Ова исклучително музичко ремек-дело на Шопен сум го снимал и порано во разни мои аранжмани (некои од нив и гитарски), за разни пригоди и поводи.

Тоа е многу длабока музика и секако беше предизвик, како во случајов со видеото, да се претопи во едно различно авторско блуз-опкружување, кое е тој мој „Корона-блуз“, сработен во изминативе месеци на домашна изолација. Сепак, самиот крај на овој блуз, кој не е класичен дванаесетерец, има во себе некој спокој и надеж, како што јас го доживувам – вели тој.
Инаку, Серафимов по струка е биолог, па и од друг аспект тој гледа на пандемијата.
– Јас, за жал или за среќа, никогаш не се занимавав со мојата струка, па што имав кажав музички, но ја користам оваа пригода да ги потсетам луѓето дека ова ќе потрае, а во нашата човечка природа е да не сме секогаш најконцентрирани и најсовесни во применувањето на мерките (маски, дистанца, визири, хигиена, негрупирање…), особено на подолги дистанци. Нека нѐ чува Господ, ама да му помогнеме и ние нему не би било лошо – посакува тој.
Венко исто така упатува и голема благодарност до сите медицински работници во земјава, а својата емотивна видеоприказна ја завршува со пораката „Скопје засекогаш“.