Венко Серафимов и Славчо Стојанов тој ден беа на „Вембли“

516

Поминаа 35 години од „Лајв еид“ – настанот што го сплоти светот

Пред точно 35 години се одржа „Лајв еид“, еден од најголемите музички настани во историјата на рок-музиката, чија хумана цел на тој 13 јули 1985 година како да го сплоти светот во желбата да им се помогне на гладните во Африка. Тој повеќечасовен спектакл важи за еден од најгледаните настани на планетата, кој најдобро го паметат сите оние што тогаш беа млади, а сега се зрели луѓе. Сето она што се случуваше на „Вембли“ во Лондон, Велика Британија, и на стадионот „Џ.Ф. Кенеди“ во Филаделфија, САД, тие го врежале во својата меморија како нешто неповторливо и магично, нешто што им ја одбележало младоста.
Онаа вистинска магија, електрицитетот во воздухот и звукот што се памети засекогаш го почувствувал Славчо Стојанов, лидерот на групата „Морал“, како дел од публиката на „Вембли“.
– Целиот тој настан за мене беше откровение, нешто што се памети цел живот, а енергијата што ја почувствував тогаш уште ме држи. Особено поради тоа што тие настапи беа врвот на голем број светски познати музичари. Пред точно 35 години стоев таму на „Вембли“, дваесетина метри зад миксетата од десната страна. Понапред повеќе не се можеше, толку густо беа стиснати луѓето еден до друг поради што имав впечаток дека имаше многу повеќe од 72.000 луѓе. Картата, која чинеше 25 фунти, десетина дена порано ми ја купи мојот драг пријател Венко Серафимов, кој отпатува во Лондон заедно со брат му Васко. За жал, тој мораше да се врати за Скопје и не беше на концертот. Свирката почна околу 12 часот, а траеше до 10 часот навечер. Звукот беше одличен, а тоа придонесе за целокупната фантастична атмосфера. Магијата почна со настапот на „Статус кво“, а по нив и „Спандау балет“, Ник Кершоу… Одлични беа и „Ју ту“, „Дајар стрејтс“, Пол Макартни, Џорџ Мајкл, Елтон Џон… Незаборавен е заедничкиот настап на Мик Џегер и Дејвид Боуви, а Фил Колинс беше дел и од двата концерта, бидејќи го прелета Атлантикот.

Настапот на „Квин“ со право подоцна од страна на обожавателите и музичарите ќе биде изгласан за најдобра свирка во живо на сите времиња. Сепак мене, кога веќе немав сила од целодневното стоење, „Ху“ ми ги наполнија батериите до максимум. За време на паузите имаше поздрави од многу земји, меѓу кои беше изведена и песната „За милион година“, која ја снимија најпознатите музичари од поранешна Југославија, како поддршка на хуманитарната акција. Автор на музиката е Драган Илиќ од „Генерација 5“, текстот е на Младен Поповиќ, а солото го отсвири нашиот Влатко Стефановски – ни откри Славчо Стојанов дел до своите спомени на чудесниот „Лајв еид“.
За неговиот тогашен и сегашен другар Венко Серафимов, овој настан има иста важност како и стапнувањето на човекот на Месечината.

– Последен пат се потсетив на „Лајв еид“ од 1985-та во киното „Синеплекс сити мол“, каде што со ќерка ми и ќерка му на Гевгез (Пехчевски Зоран – екс „Конкорд“ и мој кум) го гледавме филмот „Боемска рапсодија“. И нормално се наежив на сцените од „Вембли“, и гордо ги потсетив Ева и Ива дека со Славчо сме некаде баш тука меѓу публиката во средината на теренот долу, тој 13 јули 1985 г. Да, тоа беше прекрасен летен сончев ден во Лондон. Насмеани лица, распеан џагор околу нас, а под нас тревата на која Англичаните го освоија Светското првенство во фудбал 1966 г. беше покриена со нешто како црн балетски под или слично. На трибината десно од нас беа британската кралска фамилија, Давид Боуви и други познати личности. Сигурно дека тоа беше многу повеќе од концерт или хуманитарна акција, тоа беше нешто што потсетуваше на стапнувањето на првиот човек на Месечината или нешто слично, по својата енергија и карактер. Атмосферата во воздухот беше чудо и кога се појавија „Статус кво“ и го отворија концертот беше јасно дека сме во центарот на светот во тој момент. Сѐ што следуваше е познато верувам за луѓето од тоа време. Некаде пред крајот на Славчо му реков дека по 11 часа стоење сепак ќе тргнам малку порано накај апартманот кај што бевме сместени. Тој нормално остана до крајот, а јас надвор затекнав иста атмосфера како и онаа од каде што тргнав.

Сите кафулиња беа со сликата и звукот од телевизорите на „Вембли“ и веќе се знаеше дека и донациите за гладните од Африка достигнале некоја пристојна сума што ќе спаси животи некаде во Етиопија. Тоа беше голем ден, нешто што и денес влева надеж во овие времиња на пандемија, каде што како ретко кога треба да се потсетиме дека сите сме еден род. Да се надеваме дека и ние, луѓето на ова време, ќе дадеме свој придонес ова чудо од вирус да нѐ остави на раат што поскоро – искрено се надева Венко Серафимов, кој и денес, како и пред 35 години, живее од музиката и за музиката.
Настанот до најситни детали го памети и Иван Блинков, професор на Шумарскиот факултет во Скопје, кој за себе вели дека е рокер во душата.

– „Лајв еид ’85“ е еден од најбитните и можеби најдобар настан во историјата на музиката, кој тешко може да се повтори, пред сѐ поради звучните имиња што настапуваа. Целта беше собирање пари за гладните во Етиопија, а организатори беа музичарите Боб Гелдоф и Миџ Јур. Настанот на „Вембли“ во Лондон го следеа 72.000 гледачи, а на „Џ.Ф. Кенеди“ во Филаделфија, САД – 8.9484. Во истиот ден, концерти инспирирани од иницијативата се одржаа во други земји, како Русија, Канада, Јапонија, Југославија, Австрија, Австралија и во Западна Германија. Тоа беше една од најголемите сателитски врски и телевизиски преноси на сите времиња; проценета публика од 1,9 милијарда, над 150 нации, го гледаше преносот во живо, скоро 40 проценти од светската популација. Јас и другар ми Боро Бебиќ го гледавме концертот дома кај мене и кај него, ама нашите пријатели Славчо Стојанов и Венко Серафимов, сега познати македонски музичари, беа на „Вембли“ и потоа ни раскажуваа разни случки – ни откри професорот Иван Блинков.

Љубчо Алексовски, радио и телевизиски водител, исто така се присети на „Лајв еид“.
– Се сеќавам беше сабота, 13 јули 1985 година. Паметам и како беше најавен овој дотогаш невиден музички, телевизиски и хуманитарен спектакл, за гладните во Етиопија, кој дотогаш можевме само да го сонуваме во нашите млади рокерски глави. Водителот најави: „Пладне е во Лондон, 7 наутро во Филаделфија, а низ целиот свет е време за ’Лајв еид‘“. И,тогаш стана лудница, со широко отворени очи, не помислувајќи да се помрднам од пред екранот, освен, нормално за неопходните физиолошки потреби, пред мене се одвиваше историја, организирана од Боб Гелдоф, кој потоа од кралицата ја доби титулата сер. На телевизиските екрани се редеа најголемите тогашни светски рок и поп-ѕвезди. А кога сето тоа заврши, ненаспан и од премногу гледање во екранот, пред очите ми играа вистински ѕвезди. Но не се жалев тогаш, затоа што бев еден од околу 2 милијарди гледачи во светот и затоа што знаев дека еден ден на моите деца ќе можам да им кажам: „Да, вашиот татко присуствуваше на историски концерт, кој никогаш потоа не беше повторен, а тешко дека тоа ќе се случи во иднина“ – со истиот жар како и пред 35 години ни раскажа Љубчо Алексовски.
Музичкиот новинар и радиоводител Иван Беќковиќ се сеќава на „Лајв еид“, иако тогаш бил дете.

– Како порачан, јубилејот – 35 години „Лајв еид“ се падна во време на опасна пандемија, за да нѐ потсети дека некогаш бевме хумани. Таа 1985 г. бев дете, таман да почнам да разбирам некои работи. Денес ми е целосно јасно. Тој ден на „Вембли“ во Лондон се испишуваше историја, и во Филаделфија во Америка. И ништо повеќе не беше исто. Музичарите од целиот свет пееја за гладните во Африка. За глобалниот светски проблем прозборе музичката индустрија. Политичарите и тогаш само создаваа проблеми. Тринаесетти јули е еден од најважните денови во светска историја на музиката. Како родендените на Моцарт, Бетовен, на „Битлси“, „Ролингстонси“, Синатра… Како деновите на Вудсток, смртта на Морисон и Џоплин… Тој ден „Ју ту“ станаа големи, а „Квин“ бесмртни… А Боб Гелдоф оттогаш го знаевме како некој со големо срце. И без оглед што потоа музичката историја забележа уште низа датуми важни за човештвото, никој како „Лајв еид“ немаше таква сплотеност за навидум проста работа – малку храна за гладните. Она што некогаш беше: бидете хумани – денес е: бидете одговорни! И денес музичарите низ своите акции, онлајн концерти, карантински песни и пораки, го куражат светот да издржи. И затоа старата поговорка, според која убавината ќе го спаси светот – држи вода. Сега или никогаш! – порачува Беќковиќ.