Венеција е подготвена за првиот филмски фестивал во корона-ерата

107

Фестивалот во Венеција вообичаено беше прво место каде доаѓаа многу sвезди и филмаџии на патот до доделување на „оскарите“. Вообичаено, Џорџ Клуни, Бред Пит, Скарлет Јохансон и други актери се собираа во „Лидо“ пред камерите, новинарите и нивната публика. Но годинава, фестивалот ќе се одржи во малку изменета форма поради пандемијата на коронавирусот, пишува „Асошијетед Прес“.

Годинава, фотографите и новинарите ќе бидат малубројни, и ќе доаѓаат главно од Европа, а ќе нема публика. И многу врвни актери нема да присуствуваат, со што фестивалот во Венеција ќе наликува на мал собир на европската филмска индустрија.

Италија е една од државите што се најмногу погодени од пандемијата на коронавирусот. Според бројот на смртни случаи се наоѓа на второто место во Европа, зад Велика Британија.

Со постепеното нормализирање на животот во земјата, годинашниот филмски фестивал во Венеција што ќе трае од утре до 12 септември, е показател дека и светот на филмот полека се враќа во „нормална“ состојба, по паузата која почна во март.

И покрај мерките на претпазливост, таксито на вода во Венеција ќе работи. Црвениот тепих ќе биде поставен и „Лидо“ повторно ќе биде домаќин на филмските премиери. На крајот некои актери и филмаџии ќе добијат награди. А дали ќе има бакнување на доделувањето на наградите, останува да видиме, пишува „Асошијетед прес“.