Поради пандемијата на ковид-19 многумина се прашуваа дали годинава ќе се одржи познатиот Вевчански карневал. По тој повод се огласи и градоначаникот на Општината Вевчани, Сашо Јанкоски, со официјално соопштение.

– Општина Вевчани се откажува од организирање на концертите на 12 и 13 јануари за да се спречи масовно собирање поради пандемијатата со ковид-19. Но, ниту некогаш се мешала, ниту има право да се меша, а најмалку да ја одлага прославата на Свети Василија. Организацијата на поворките со Василичари е на Василичарските друштва Горно и Долно мало и тоа е нивно право, но и обврска. Општина Вевчани нема право да се меша во тоа дали ќе има поворки на василичарските друштва, меѓутоа ќе апелираме да нема групно собирање, да нема посети на домовите, да се запазат мерките што ги налага Комисијата за заразни болести. Сигурен сум дека ќе се применат тие мерки за да може да го славиме Свети Василија онака како што сме го славеле со векови – изјави градоначаникот Сашо Јанкоски.

Од своја страна вевчанци велат дека и покрај тоа што Општината го замрзна карневалот, членовите на друштвата се подготвени да ја одржат традицијата, па затоа и годинава со овој стар обичај ќе го бракаат злото, но со сите мерки на претпазливост, носење маски, дистанца и заштитни ракавици.

– Утре, точно во 13.30 часот ќе тргнат поворките, од Долно маало, од местото Баткои, а од Горно маало од местото Стружанка, кои ќе се сретнат во центарот на Вевчани. Овојпат нема да има одење по домовите и други собирања. но како и досега ќе има зет и невеста, Глупав август, ѓаволи, но и многу полтички и пагански маски. Ќе носиме годинава по две маски, една василичарска, а друга против ковид-19 – ни рече вевчанецот Сашо Бетоски, член на Василичарското друштво од Долно маало, кој веќе 44 години е дел од Вевчанскиот карневал.

Деновиве, според изјавите на вевчанци, владее релаксирана атмосфера во градот, иако е забележано поголемо присуство на полицијата.

– Нашите дедовци ни раскажуваа дека во Вевчани и за време на колера и на лепра карневалот се одржувал, бидејќи не смееме да дозволиме оваа вековна традиција да згасне. Нешто кога еднаш ќе се скине, секогаш ќе биде скинато. Затоа, како и досега ние не се плашиме од ништо, па ако треба да се „умира“, барем да „умреме“ за Свети Василија – се шегуваат гордите и бунтовни вевчанци.

Тие додаваат дека годинава ќе испратат порака оти традицијата мора да се чува по секоја цена, како и татковината. Со своите оригинални маски велат и овојпат ќе жигосаат некои општествени аномалии, но и ќе покажат дека духот на народот е токму она што ни помага да ги пребродиме сите пречки.

Веќе е наведено дека и овојпат уникатните маски со своите објективи ќе ги фотографираат македонски, но и фоторепортери од целиот свет, а некои од нив за првпат ќе бидат дел од познатиот Вевчански карневал.

Исто така, вевчанци апелираат сите што ќе дојдат во Вевчани, да се придржуваат до мерките на претпазливост заради актуелната пандемија на коронавирусот. М.Т.