Васил Гарванлиев македонски преставник и на „Евровизија 2021“

866
Фото: Мартин Трајановски

Македонската Радио-Телевизија, како носител на лиценцата за учество на „Евровизија“ одлучи наш претставник на овој престижен музички натпревар и годинава да биде Васил Гарванлиев.

– Огромно благодарам до МРТВ која и понатаму верува во мене и ми ја дава одговорноста и можноста да бидам нашиот, македонски преставник годинава на „Евровизија“ во Ротердам. Верувам, ве сакам, ќе пеам за сите вас ама и вие да запеете со мене! Со душа чекам да ги споделам со вас нашите планови како македонски тим за „Евровизија 202“ – напиша Васил на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој, како што вели, ретко кој добива една, а не пак три шанси да го реализира својот животен сон.

– Во 2019-та застанав гордо зад нашата Тамара, како дел од македонскиот евровизиски тим, а изминатата 2020-та ви ја посветив на сите вас, како официјален македонски преставник, но поради пандмеијата на коронавирусот „Евровизија“ лани не се одржа. Еве сега, во 2021-та ја користам мојата животна приказна, за да ви го подарам срцето на дланка преку мојот глас. И им порачувам на сите сонувачи: верувај, сонувај и не се предавај! Вистината, трудот, енергијата, и чистата љубов секогаш победуваат. Сите имаме своја Приказна и Патека која е наша Судбина, и време е ова темно и тешко секојдневие да го исполниме со светлина, љубов и чиста енергија – вели Васил Гарванлиев.

Од МРТ пак велат дека бројот на земји учеснички за „Евровизија 2021“ е идентичен како и за претходната, која за жал не се одржа од причини добро познати за сите нас, предизвикани од светската пандемија со новиот коронавирус и беше заменета со алтернативно музичко шоу.

– Четириесет и една земја веќе се подготвуваат за фестивалот. Ќе има две полуфинални и една финална вечер, закажани за 18, 20 и 22 мај во арената „Ахој“, во Ротердам, а повеќе од дваесет земји ги потврдија истите учесници селектирани од минатата година. Со оглед на непредвидливата состојба со коронавирусот, а со цел да го осигура одржувањето на шоуто, ЕБУ подготви четири можни сценарија, кои ќе овозможат непречено одвивање на натпреварот дури и ако се неопходни промени во последен момент. Тоа може да подразбира одржување на шоу со примена на протоколи за социјална дистанца и лимитиран број на публика, интернационален прес и членови на делегациите. Без оглед на тоа дали ќе биде можно или не патување и присуство на делегациите во мај во Ротердам, сите земји учеснички имаат обврска претходно да обезбедат снимка од настап во живо на својот претставник, кој во секој момент ќе им биде на располагање на организаторите за емитување – вели Александра Јовановска, ПР на македонската ервовизисака делегација.

МРТ пристапува кон избор на нова песна за Васил Гарванлиев и ги повикува сите заинтересирани страни да ги понудат своите музички проекти на следната е-маил адреса: [email protected], најдоцна до 27-ти јануари 2021 година.

Демо снимката со максимално времетраење до 3 минути, според евровизиските пропозиции, треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална и хармонска линија.

Јавниот повик е достапен на веб страницата на МРТ, преку следниот линк: http://mrt.com.mk/node/60250 .

М.Т.