Ванеса Брајант ја тужи хеликоптерската компанија за трагичната несреќа

88

Ванеса Брајант поднела тужба против хеликоптерската компанија „Ајланд експрес хеликоптерс“ барајќи економска и казнена отштета по смртта на нејзиниот сопруг, НБА легендата Коби Брајант и нивната 13-годишна ќерка Џана, објавува „Лос Анџелес тајмс“.

Коби и Џана загинаа заедно со шест други патници и пилотот Ара Зобајан во хеликоптерска несреќа во Калабасас, Калифорнија минатиот месец.

– „Ајланд експрес хеликоптерс“ ја прекршил својата обврска и со небрежност ја предизвикал хеликоптерската несреќа. Главната причина е небрежното однесување на Зобајан за кое е одговорна компанијата – се вели во тужбата.

Пилотот Зобајан бил дисциплиниран во 2015 година за прекршување на американските федерални правила за лет. При падот на хеликоптерот имало густа магла која предизвикала полицијата во Лос Анџелес да ги приземји своите хеликоптери, а првичната истрага потврди дека немало откажување на моторот на хеликоптерот, и додаде дека во леталото немало систем за забележување на теренот, кој е препорачан од властите во Калифорнија.