Бјорк и „Мајкрософт“ создаваат музика со вештачка интелигенција што се менува со времето

18

Бјорк соработуваше со „Мајкрософт“ за да создаде музика генерирана од вештачка интелигенција, заснована врз променливите временски модели и позицијата на сонцето. Именувана „Корсафн“, што значи „архива на хор“ на исландски јазик, композицијата ќе се изведува континуирано во лобито на хотелот „Систер сити“ во долната источна страна на Њујорк, кој се отвори пролетта 2019 година.
„Корсафн“ користи звуци од музичките архиви на Бјорк, кои ги составила во текот на последните 17 години, за да создаде нови аранжмани. Во архивата се вбројува и аранжманот на хорот „Хамрахлид“ од Исланд, каде што членувала Бјорк.

Музиката ќе се приспособува на изгрејсонцата, зајдисонцата и промените во барометарскиот притисок, користејќи камера поставена на покривот на хотелот „Систер сити“. Резултатот е бесконечна низа од нови варијации што создаваат сеопфатно расположение за гостите. Тековниот проект на компјутерска визија ќе ја тренира вештачката интелигенција на „Мајкрософт“ подобро да препознава густи и ретки облаци, снег, дожд, чисто небо и птици во различни осветлувања и сезони.

– Архитектонска структура во центарот на Менхетн ми понуди рака за танго со вештачката интелигенција и јас ја прифатив понудата. Нетрпелива сум и возбудена да ги дочекам резултатите. Им ја понудив мојата архива на хор, која ќе лебди низ вештачката интелигенција и преку мрежата од птици преселници, облаци, авиони и таа невообичаена работа наречена барометар – изјави Бјорк.