Буран 1.000 пати ја „покори“ Солунска Глава

1267

Првото искачување на Солунска Глава (2.540 метри н.в.) Бурханедин Сали, или кратко Буран, го направил на 10 октомври 1976, а 1.000-то, 42 години подоцна, на 22 септември 2018 година

Бурханедин Сали, или кратко Буран, е добропознат лик, своевидна легенда во планинарските кругови во Македонија, на Балканот, па и пошироко. Деновиве вниманието на јавноста тој го привлече со реткиот, несекојдневен и по малку необичен подвиг, за респект, со 1.000-то искачување на врвот Солунска Глава (2.540 метри н.в.) на планината Јакупица, во централниот дел од Македонија.

– Оваа моја одисеја започна на 10 октомври 1976 година. Добро се сеќавам, со Иван Васевски, кој претходно веќе се имаше искачено на Солунска Глава, но од другата страна, од Бегово Поле. Тргнавме од Ореше, па на Чеплес (планинарски дом во подножјето на Солунска Глава – н.з.), првпат ја минуваме патеката, не знаевме каде да одиме, наместо лево, десно и обратно, но се снајдовме некако. Чувството, верувајте ми, е исто како при првото, така и на секое од следните 999 искачувања. Затоа и не се заситив, ниту ментално, ниту физички. Секое наредно ми беше како прво искачување, инаку сигурно немаше да успеам – истакнува Буран, кој на јубилејното искачување беше придружуван од десетици пријатели и планинари.

Буран (66), сега пензионер, порано вработен во Министерството за образование, скопјанец, вели дека кога почнал со качувањето на Солунска Глава не размислувал за некаквиси рекордни бројки и оти тоа не му бил главниот мотив и двигател.
– Не сонував и не планирав вакво нешто, воопшто. Кога се случи 300. искачување во 2000-та решив ќе одам до 500-то, а потоа ќе престанам. Тоа се случи на 9 октомври 2004, потоа бев гостин на Радио Скопје, кај Боро Мокров, кој ми честиташе и ми посака 1.000 искачувања. Јас му реков: „Фала ти, но доста е“. Кога на 9 октомври 2011 го направив 700-то искачување помислив, па не е лошо да се избутка до 1.000. Ете, и тоа го реализирав, а сега нема повеќе „бркање“ бројки, но со искачувањата ќе продолжам – вели Буран.

Зашто токму Солунска Глава, а не на некој друг врв во Македонија?
– Има неколку причини. Главна е пристапноста дотука, најлесно и наједноставно ми беше да доаѓам, за разлика од Пелистер или Шар Планина, не требаше никого да молам за да ме донесе со автомобил. Има воз од Скопје до Богомила и до Ореше, се качувам наутро, во еден ден се качувам до врвот и потоа назад за Скопје. Првите години можеше да се престојува, па и да се преспие горе на врвот, во сегашниот армиско/полициски комплекс, кој функционираше и како планинарски дом. Убаво е кога по неколку часа пешачење ќе можете да одморите, беше многу пријатно. Најчеста маршрута на искачување на Солунска Глава ми беше од Чеплес, потоа од Караџица преку Бегово Поле, па од Патишка Река и Убава, од Горна Белица и од Горно Јаболчиште – објаснува Буран.

Пред четири години, во мај 2014, во еден ден тој трипати се искачил на врвот.
– Не беше планирано, сѐ се случи без некоја посебна намера. Имаше голема врева во планинарскиот дом, не можев да заспијам, и околу два часот по полноќ тргнав, а на врвот бев околу 5 часот. Се вратив до 7.30, одморив малку, па околу осум часот пак нагоре и назад до 13.30 часот. Доаѓам, со ракија и со мезе ме пречекува Тодорче Георгиев од ПД „Чеплес“ од Велес. Замезив, се одморив малку, и околу 15.30 часот решив да одам уште еднаш на врвот. Вкупно изодев 45 км тој ден, но не беше страшно – се потсетува на необичниот ден Буран, кој во својата богата планинарска кариера се има искачено на Килиманџаро и на Маунт Кенија, двапати на Мон Блан, на Елбрус, на Дамаванд, Арарат и на многу други врвови.


По македонската граница од изгрејсонце до зајдисонце

Во необичните планинарски подвизи на Буран, секако, е и пешачењето по должината на границата на Македонија, во јули 1997 година, и претходно во 1986, на т.н. словенечка трансверзала долга 800 км.

– Тргнавме од Радуша, се вратиме во Радуша и за 30 дена пропешачивме околу 900 км со Стојанчо Костовски од Крива Паланка. Немавме речиси никаква логистика, со храна се снаоѓавме некако, купивме нешто во Дебар, во Охрид и во Гевгелија. За појадок чај, кашкавал и едно лепче, за ручек две пржени јајца, за вечера супа со парче кашкавал и толку. На оваа идеја дојдов откако во весникот „Вечерње новости“ прочитав дека во СФРЈ некој офицер на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) одел по државната граница, тоа ми беше поттик и мотив. Десетина години порано со четворица пријатели од Македонија, почнувајќи од Марибор и завршувајќи во Копер, за 21 ден изодевме околу 800 км, беше напорно, но и интересно – вели Буран.