Брајан Адамс вечерва ќе им го разубави празникот на скопјани

19

По одличниот настап во белградската „Комбанк арена“, светски познатиот пејач, композитор и гитарист, Брајан Адамс, вечерва ќе одржи концерт во Скопје, токму на денот кога нашиот град прославува годишнина од ослободувањето.

Еден од најголемите мејнстрим-артисти во светот на сите времиња, човекот со безброј хитови и истовремено големи песни, ќе нѐ потсети на безвременските: „Summer of 69“, „Heaven“, „Please Forgive me“, „Everything I do (I do for you)“, „Have You Ever Really Loved a Woman“ и многу други.

Брајан Адамс во Скопје доаѓа во рамките на големата светска турнеја „Shine a light“, наречена по истоимениот нов албум, со која настапува во најголемите концертни арени низ светот.

Концертот е во организација на продукцијата „Авалон“, од каде што информираат дека билетите се речиси распродадени и оти за настапот на Адамс има интерес од целиот регион.

– Посебно нè радува фактот што во Скопје доаѓа огромна група обожаватели од цела Европа, што го следат Брајан Адамс секаде каде што настапува – велат од „Авалон“.
Концертот во „А1 Арена“ почнува во 20 часот, а вратите ќе бидат отворени два часа порано.