БОШ е летувалиште за вистинско културно-забавно освежување

316

Во три дена ќе можат да се проследат изложби, инсталации, филмови, концерти, диџејски сетови и, нормално, плажирање на Сифулајка

Истрауматизирани од секојдневниот живот, потресени од емотивната авантура, отуѓувањето и желбата за моќ, го создадовме „БОШ 10 летувалиште“ како место за закрепнување, лекување, обновување на невроните, страста и другарството, соопштуваат организаторите на фестивалот БОШ.

БОШ е алтернативен мултимедијален фестивал, кој веќе десет години успева да се одржи во живот. Овој пат ќе се одржи од 24 до 27 август во Гевгелија.

– Роден во инкубатор, растен во најтешките услови во постпионерско југословенската транзициска Македонија, негуван од последните пионери, вака така или онака, со фрустрации или без „БОШ 10“ ви носи независна современа уметност од супкултурната сцена, односно за три дена ќе можете да погледнете изложби, инсталации, филмови, концерти, диџејски сетови, работилници и, нормално, да плажирате на Сифулајка – информираат организаторите.

Визуелната програма на ова БОШ-издание е вистинско славење на супкултурната и независната сцена од регионот, односно неформалното отворање на фестивалот е во 17 часот, со работилницата за перформативен цртеж „Ако умрам ил загинам“. Перформативното цртање на Горан Стојчетовиќ од колективот „Арт Брут Србија“ и членовите на колективот „Мултимедиа“ ќе трае во текот на фестивалот и ќе заврши со изложба на 26 август, со почеток во 19 часот, во Народниот театар во Гевгелија. „Арт Брут Србија“ е едно од најактивните уметнички здруженија на Балканот.

– Формалното отворање на фестивалот е со изложбата „Фотокопирница на љубовта“, групна изложба во која учествуваат: Бернхарда Ксилко, Атанас Ботев, Кристијан Крстевски, Јана Јакимовска, Елизабета Линднер, Владимир Лукаш, Иван Ивановски, Тома Димовски, Горан Стоичетовиќ и Миле Ничевски. Имено, во обид да ја зацврстиме колективната практика на имагинација, се навративме кон корените на фестивалот БОШ, творештвото на Бошко Бозаџиевски – додаваат од БОШ.

Исто така во Народниот театар во Гевгелија, в петок, на отворањето на фестивалот ќе бидат поставени и изложбите на Игор Тошевски („Реколекции“) и на АКЦ „Матријаршија“ („Сито и бесно“), кои ќе бидат отворени за публиката и во другите два дена од фестивалот.

В сабота „БОШ 10“ отвора уште една групна изложба „Фејк/факт“ – вистината во уметноста и литературата во време на лажни вести „СловоКулт: литерАРТура“.
Ќе бидат изложени дела од берлинските уметници: Катрин Салентин, Јамес Дин, Силвија Лоренц, Хана Хененкемпер, Елизабета Линднер Костадиновска и од уметниците од Македонија: Дијана Томиќ Радевска, Ѓорѓе Јовановиќ, Касиопеја Наумоска, Владимир Лукаш, Дороти Пачкова, Кристијан Крстески, Моника Мотеска, Миро Масин и Тони Шулајковски.

Своја изложба ќе има и Ана Елемарк, стрип-уметница, илустраторка и компјутерска лингвистка што објавувала свои дела низ Европа, особено во Хрватска, Словенија, Србија, Франција и во Шведска. Нејзината изложба „Абракадабра“ е претставување дела од сопствената колекција создадени во изминатите две години, но поврзани со зборовите што се изговараат за да се повика доброто и да се избрка злото.

– Од музичката програма, концерти ќе има рапкор-групата „Стреиг Џекин“, која слави 25-годишен јубилеј од формирањето. Групата е основана во 1994 година, во Санкт Петербург. Ќе настапи македонската група „Далтонси“, како и „Ана Трет“ од Австрија, која носи звук за самотнички денс-забави во спалната соба. „Мусака“ е пикантна мешавина на калифорниски сурфрок-звук и југословенски попфолк-хитови од крајот на минатиот век. Создадена е како спореден проект на двајца музичари од Белград – Петар Живиќ и Игор Митиќ, при што набргу прераснува во бенд познат по своите енергични настапи.

„Ива енд д тој Џорџ“ е соло-проект на Ива Станковиќ, музичарка и продуцентка од Рим, родена во Белград. Нејзиниот сет во живо вклучува употреба на грувбоксес или инструменти за создавање електронска музика, синтисајзери, акустични и дигитални перкусии и разни вокални ефекти, создавајќи мешавина на звуци и жанрови што се движат од електро, танц, панк, хипхоп и повеќе егзотични, балкански и арапски звуци. Ива пее на неколку јазици, понекогаш дури и ги измислува зборовите. Исто така фестивалот ќе биде дополнет со диџеј-сетови на диџеј Џаво од Хрватска, Мирко Попов ќе пушта музика на винили, а тука е и Дени Трајков – информираат од БОШ.
Во програмата на фестивалот се и проекции на филмови од македонските автори: Вардан Тозија, Радован Павловиќ, Ана Јакимска, Саша Станишиќ и Марија Апчевска.