Болеста беше посилна од стариот морски волк

576

ЗАМИНА МУЗИЧКАТА ЛЕГЕНДА ОЛИВЕР ДРАГОЈЕВИЌ

Музичката легенда Оливер Драгојевиќ почина во Сплит во 71-та година од животот. Тажната вест за смртта на музичката легенда ја соопшти неговото семејство. Драгојевиќ зад себе остави голем број музички записи и имаше милиони обожаватели на просторите на поранешна Југославија. Тој почина една година откако му беше дијагностициран рак на белите дробови.

Пред Божиќ требаше да одржи два концерта во својот роден град, на што многу се радувал, а само една недела пред неговиот 70. роденден сплитскиот пејач, по препорака од доктор, мораше сѐ да откаже. Се повлече од јавноста, со семејството замина на омилената Корчула, каде што ги помина и последните месеци од својот живот. За жал, болеста беше посилна од стариот морски волк, кој почина неполна година по поставувањето на тешката дијагноза.

Роден во Вела Лука на островот Корчула, Драгојевиќ растел како уличен музичар за туристите, по што завршил музичко училиште во Сплит. Првпат настапил во 1961 година, на „Сплитскиот детски фестивал“, по што го формира бендот „Батали“. Во 1970-тите настапувал низ цела Европа, а од средината на оваа декада датираат и неговите први хитови и соработката со композиторот Зденко Руњиќ, кој е автор на песните како „Романца“ и „Опрости ми папе“. Во текот на својата кариера Оливер Драгојевиќ објави над 30 албуми, а настапувал и во „Карнеги хол“, „Ројал Алберт хол“ и сиднејската Опера.

Генерации негови обожаватели ќе ги паметат и натаму ќе ги потпевнуваат неговите хитови: „Галеб и ја“ (1975), „Скалинада“ (1976), „Малинконија“ (1977), „Опрости ми папе“ (1978), „Молитва за Магдалену“ (1978), „Вјеруј у љубав“ (1979), „Надалина“ (дует со Борис Дворник од 1980), „Кароца“ (1982), „Моје прво пијанство“ (1983), „Свирајте ночас за моју душу“ (1988), „Што то бјеше љубав“ (1988), „Нека се други радују“ (1990), „Цесарица“ (1993)…