Боби Серафимовски сними песна со саксофонистката на Род Стјуарт

551

Познатиот македонски музичар и композитор Боби Серафимовски гради успешна музичка кариера и надвор од нашите граници, а во светската музичка и филмска продукција е сѐ попознат како Боби Серафимо. Тој пред сѐ за американскиот пазар работи како композитор на филмска музика, мултиинструменталист и продуцент. Комплетен автор е на музиката за три филма од американска независна филмска продукција.

– Првиот филм за кој пишував музика беше „Црниот снег“, вториот е „Зошто јас“, чија реализација е при крај, а третиот е насловен „Под оган“ и веќе е готов. Сите ние имаме свои соништа, а мојот е да бидам еден од добитниците на „оскар“ за филмска музика и упорно ќе работам тоа и да се оствари и да биде еден до ретките моменти во мојот живот. А токму така „Rare moments“ е насловена и мојата најнова инструментална песна, која деновиве се појави на светскиот пазар и веќе се емитува на светските радиостаници. Во неа ми гостува една прекрасната дама, Германката Катја Рикерман, која во моментот живее во Лос Анџелес.

Таа е саксофонистка и е светски позната. Постојан член е на придружниот бенд на Род Стјуарт, а била дел и од популарната германска група „Скорпионс“ – ни откри Боби Серафимовски.
Неговата средба и договорот за соработка со саксофонистката Катја Рикерман биле сосема случајни.

– Имав слушнато за Катја Рикерман дека е врвна музичарка и светски позната саксофонистка и кога почнав да пребарувам, видов дека таа е дел од речиси сите концерти на Род Стјуарт и оти со неговиот бенд пропатувала низ целиот свет. На мое огромно задоволство, излезе дека и таа е добро запознаена со моите досегашни проекти, како во областа на филмската музика така и во делот од инструменталната смут-џез, амбиент и њуејџ-музика и со задоволство прифати да биде гостинка на мојата најнова инструментална песна „Rare moments“ – вели Боби.
Серафимовски е комплетен автор на „Rare moments“, тој ја напиша музиката, го направи аранжманот и стои зад продукцијата на оваа песна.

– Во моментот на домашна сцена малку сум ангажиран и целосно сум посветен на мојата светска промоција и успех. На тој план можеби значаен исчекор е и тоа што од неодамна сум дел од тимот што гради нов бренд, во областа на филмската музичка продукција, промоција и поддршка. Станува збор за „Неш холдингс“, каде што сум назначен за директор и менаџер во делот музика, филм и продукција. Инаку, седиштето на холдингот е во Њујорк, а негов сопственик е Роберт Неш – вели Серафимовски.