Боби Серафимовски пишува музика за холивудски филмови

297

Познатиот македонски музичар и композитор Боби Серафимовски, кој уште пред десетина години, со објавувањето на албумот „No Borders“, направи успешен обид за пробив на интернационалниот музички пазар, деновиве остварил успешна соработка со неколку филмски студија во САД, поточно во Холивуд и Лос Анџелес.

– Почна да се остварува мојот сон да пишувам филмски музички теми за познати холивудски филмови, што уште одамна си го поставив како предизвик.

Континуираната работа во студиото во моето родно Куманово, што постојано ме држи во кондиција, големата поддршка од семејството и желбата за моите композиции да слушнат што повеќе луѓе во светот, станува јаве. Во САД меѓу филмскиот естаблишмент веќе сум познат како Боби Серафимо, а најновото од мене на музички план е тоа што мојата композиција, која беше лиценцирана во познатата музичка библиотека „Мома“ во Лос Анџелес, Калифорнија, пласира моја филмска тема под наслов „Good night my friends“. Композицијата ќе биде музичка подлога на неколку сцени во филмот. Станува збор за инди-филмот со холивудска продукција „Пи a ла Мод“, а сценариото и режијата се на ВД Фон – вели Серафимовски.

Тој исто така почна со компонирање музика за познатата филмска продукција „Мејхам филм“, во рамките на соработката со познатиот актер, филмски режисер и сценарист Роберт Пархам. Во филмот „Сноу блек“ ќе учествуваат многу познати актери, меѓу кои и човекот што во 1970-тите и 1980-тите беше на врвот на популарноста, Рон ван Клиф, кој своевремено бил дел и од филмовите на Брус Ли.
Овој ангажман на Боби е благодарение на познатата промоторка и пиар-менаџерка од Њујорк, Јоланда Мекинтош.