„Би џиз“: добрите момци на поп и дискомузиката

136

„Би џиз“ е австралиско музичко трио формирано во 1958 година, кое го сочинуваат браќата Бари, Робин и Морис Гиб. Заштитен знак на оваа група се оригиналниот звук, пискавите гласови и хармонијата во пеењето. Нивната кариера може да се подели на два дела: како успешна поп-група во доцните 1960-ти и раните 1970-ти и како дискогрупа од доцните 1970-ти години на 20 век. „Би џиз“ е една од ретките музички групи што од 1960-тите години до крајот на 20 век имале хитови во секоја деценија без престанок. Пет пати биле на врвот на светските топ-листи, а многу пати имале пласмани меѓу топ 20. Иако формирани уште од 1958 година, за нив пресвртна е 1967, кога ги исфрлаат хитовите „To love somebody“, „It’s Only Words“ и „Massachussetts“, кои ги доведуваат до врвовите на топ-листите во САД и Велика Британија. Овие хитови се само почеток на долгата успешна серија, но и вовед во интересната животна и професионална приказна. За вистинските љубители на групата, овие четири хита останаа нивни заштитен знак за сите времиња. Тоа е случај и со авторот на овие редови. Од моментот кога прв пат ја чув нумерата „Масачусец“, на 12-годишна возраст, ме освои нивната музика и имаше големо влијание врз мене, како нивен музички обожавател.

Интересна е приказната поврзана со хитот „To love somebody“. Првично, песната била наменета за големата музичка ѕвезда Отис Рединг и била замислена како соул-балада. Но, Рединг трагично загинал во авионска несреќа и браќата одлучиле тие да ја снимат песната. Не погрешиле. Извонредната интерпретација од страна на „Би џиз“ придонела песната да стане голем музички бисер и да доживее многу успешни преработки од великани на музиката, меѓу кои највпечатливи се верзиите на Нина Симон, Џенис Џоплин, Роберта Флек, Грем Парсонс, Џо Кокер, Бони Тајлер, Мајкл Болтон, Дасти Спрингфилд и Хенк Вилијамс. Оваа нумера е доказ дека ако една песна изворно е добра, тешко дека обработката може да биде лоша. Следуваат хитовите „Lonely days“ од 1970 година и „How can you mend a broken heart“ од 1971 година. По четиригодишна пауза, „Би џиз“ во 1975 година прават големо враќање со нумерата „Jive Talkin“. Инспирацијата за композицијата групата ја добила од звукот што го правел автомобилот со кој се возеле кон студиото. Првобитниот наслов бил „Drive talkin“, подоцна променет во „Jive Talkin“, и била дел од музиката за култниот филм „Треска во саботната вечер“.

Дискомузиката ѝ дала нов живот на австралиската поп-група, која ги компонираше и снимаше повеќето нумери за овој филм. Нивниот остар фалсет врз силните бас-линии и тапани бил неодолив, а песните како „Stayn’ Alive“, „Night fiver“, „How deep is your love“ и „More then a woman“ доживеале огромен успех, како и филмот. Албумот со песни од филмот е најпродаван музички албум со филмска музика, продаден во фантастични 40 милиони примероци. За многу музичари симбол на дискомузика е токму филмот „Треска во саботната вечер“ со Џон Траволта и музичките нумери на „Би џиз“, кои и денес сѐ уште се популарни. „Треска во саботната вечер“ е феномен. Светски, планетарен феномен. Неповторлив победник на музички ѕвезди, саунтрак, филмски уметници и продуценти еднакво. Гледано од денешна дистанца, ништо не било случајно кога се снимал филмот и кога браќата Гиб ја правеле музиката за него. Незамисливо е да поминеме низ 1970-тите без да се навратиме на некои од најпознатите дискохитови на деценијата, испеани токму во овој филм. Музичка нумера што го претставува најкултниот момент на дискобранот е нумерата „Stayn’ Alive“, која за секогаш ќе остане најпознатиот музички хит на бендот „Би џиз“. И денес го паметиме култното перчење низ улицата на Траволта со неодоливо чувство на исполнетост и задоволство дека штотуку се искачил на врвот на светот.

Филмот и музиката во него се традиционална приказна за успехот: издигнување на нова филмска суперѕвезда – во ликот на Џон Траволта, чија слика се најде на насловните страници на публикацијата „Стар“ и политичкиот гигант „Тајм“; прераснување на „Би џиз“ во диско-мегагигант – комерцијален број 1 на дископазарот; и израснување на Роберт Стигвуд (мозокот на оваа музичка и финансиска бонанца) во еден од најмоќните музички продуценти. Инаку, Стигвуд го проби патот на индустријализација и комерцијализација на популарната култура, пат што по него многу менаџери и продуценти, со восхит и успех, ќе го следат (филмовите „Флешденс“, „Футлус“, „Пурпур реин“, „Дрти денс“).
Покрај за себе, групата пишувала и компонирала песни и за Барбара Стрејсенд, Дајана Рос, Селин Дион, Кени Роџерс и Доли Партон. Многу интересна е соработката на Бари Гиб и „Би џиз“ со актерската и музичка дива Барбара Стрејсенд. Барбара била на концерт на групата на стадионот „Доџер“ во Лос Анџелес и многу фасцинирана од тоа што го видела и чула на сцената од браќата Гиб. Набргу потоа на Бари му испратила понуда да компонира, продуцира и пее со неа на нејзиниот следен албум.

Тој бил возбуден и исплашен како ќе помине во соработката со неа, бидејќи Барбара важела за строга и незгодна соработничка. Но, неизвесноста дали од тоа ќе испадне нешто добро, исчезнала оној момент кога Бари и Робин го направиле хитот „Вљубена жена“ („Woman in love“), кој бил прв сингл од албумот „Guilty“, кој подоцна достигнал мултиплатинест тираж и огромен успех низ целиот свет. Групата има продадено повеќе од 200 милиони албуми низ светот и освоено 7 музички награди „греми“. Пред извесно време со титулата витез беше одликуван Бари Гиб, кој при добивањето на признанието, заблагодарувајќи му се на принцот Чарлс, им оддаде признание на своите починати браќа (Морис почина во 2003 година, додека Робин во 2012 година), изјавувајќи дека да не биле тие, тој никогаш не би ја добил оваа престижна титула од кралицата на Велика Британија. Притоа додаде дека тие се еднакво горди, како и тој самиот, на добиената титула.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди