Били Ајлиш соборува рекорди

266

Иако во декември наполни 18 години, Били Ајлиш веќе е сопственичка на албумот што е број 1 на многу топ-листи. Таа е авторка и изведувачка на песната што го следи новиот филм за Џејмс Бонд, „No Time To Die“. Всушност, Били е најмладиот изведувач што некогаш снимил песна за најпознатиот светски таен агент. Исто така, таа е најмладиот уметник што доби четири наградата „греми“.

Ајлиш ја напишала песната со постариот брат Финес.
– Лудо е да бидеш дел од ова на кој било начин. „Џејмс Бонд“ е најслатката филмска франшиза што постоела. Сè уште сум во шок. Со брат ми сакавме да напишеме песна во која ќе го опишеме целиот наш живот – изјавила Били.

Ајлиш првпат во живо ја изведе песната на доделувањето на наградите „брит“ на 18 февруари, кога беше поставена и на Јутјуб, и досега има 30 милиони прегледи. Таа настапи со композиторот Ханс Цимер и со бившиот гитарист на групата „Смитс“, Џони Мар.

Песната „No Time To Die“ би можела да донесе уште еден трофеј, односно да го повтори успехот на „Skyfall“ на Адел и „Writing’s On The Wall“ на Сем Смит, кои освоија „оскар“.

Последниот филм за Бонд, кој би требало да се најде во киносалите во април, најверојатно ќе биде и последниот настап на Даниел Крег во улогата на Бонд. Еве и уште еден рекорд поврзан со серијалот за најславниот таен агент на светот. Џуди Денч, која го толкува ликот М, водач на британската МИ-6 програма и шеф на Бонд, повеќепати била дел од филмовите за Џејмс Бонд отколку кој било носител на главната улога. Таа се појавува во осум различни филмови за тајниот агент.