Бидете дел од еко-проектот „Мижи! Замисли промена“

68

„Буден театар“ ја почна кампањата „Мижи! Замисли промена“, преку која се стреми да ги поттикне возрасните граѓани и децата активно да се вклучат во мапирање на еколошките проблеми и да замислат можни решенија за почисто и поубаво Скопје.
Вклучете се во кампањата на следниов начин:

– пронајдете локации во вашата средина што се неприфатливи од еколошки аспект, односно локации пред кои градот „замижува“;
– пред мапираната локација фотографирајте дете, со замижени очи;
– прашајте го детето како би можело да се промени тоа место кон подобро;
– фотографиите и идеите на децата објавете ги јавно на вашите профили на Фејсбук и/или Инстаграм со хаштаговите
#ЗамислиПромена
#БуденТеатар #Скопје или испратете ги на е-пошта [email protected], најдоцна до 1 септември.

Кампањата е отворена за сите жители на Скопје и околината.
Еден автор може да објави најмногу пет фотографии. Фотографиите треба да бидат лично дело на објавувачот и нема да биде дозволено преземање фотографии од Интернет. Не е задолжително фотографиите да бидат направени со професионален апарат. Најдобрите 10 фотографии со испишаните детски замисли за промена ќе бидат изложени на фреквентна локација во Скопје и ќе бидат дел од промотивната кампања на меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер“.

Во рамките на фестивалот „Фенер“ ќе бидат организирани три еколошки акции, со кои ќе се оствари промената што е замислена од страна на децата. „Буден театар“ го задржува правото да ги одбере трите фотографии и идеи според кои ќе ги реализира овие акции, во однос на она што во моментот е остварливо.