„Беше еднаш во…Холивуд“ е најочекуваниот филм ова лето

644

Тарантино во своето најново филмско остварување ги собра најдобрите глумци
на генерацијата, па освен Ди Каприо, Бред Пит и Маргот Роби, ќе ги видиме
и Ал Пачино, Брус Дерн, Тим Рот, Курт Расел, Дакота Фенинг…

„Беше еднаш во… Холивуд“, новиот филмски хит на режисерот Квентин Тарантино, е најочекуваниот филм ова лето. По премиерата на Канскиот филмски фестивал, во американските кина деветтиот филм на Тарантино почна да игра на 26 јули и во првиот викенд заработи 40 милиони долари.

На 15 август и скопската публика ќе може да ужива во филмот во кој заедно настапуваат големите холивудски ѕвезди Бред Пит и Леонардо ди Каприо.
Тој глуми актер во вестерн-филмови, нервозен што неговата слава опаѓа, додека Пит е неговиот двојник, пријател и возач. Иако сместен во заднината на убиствата на кланот на Менсон, целта на Тарантино е да го долови сјајот на Холивуд од неговото златно време.

Холивудските медиуми засега имаат пофални рецензии и високи оценки за „Беше еднаш во… Холивуд“.
Дејството се одвива во Холивуд во 1969 година, на врвот на хипи-ерата. Главни ликови се Рик Далтон (Леонардо ди Каприо), бивша ѕвезда на една вестерн-серија, и неговиот долгогодишен пријател и дублер Клиф Бот (Бред Пит), кои се борат за успех во светската престолнина на филмската индустрија, која веќе не ја препознаваат. Меѓутоа, Рик има позната сосетка Шерон Тејт (Маргот Роби)…

Тарантино во своето најново филмско остварување ги собра најдобрите глумци на генерацијата, па освен Ди Каприо, Бред Пит и Маргот Роби, ќе ги видиме и: оскаровецот Ал Пачино, Брус Дерн, Тим Рот, Курт Расел, Дакота Фенинг… Ова наедно е и последната филмска улога на неодамна починатиот Лук Пери.
Инаку, Бред Пит за „Скај њуз“ изјавил дека уживал соработувајќи со Лео и се пошегувал оти навистина добро се снашол глумејќи споредна улога.
– Лео е навистина добар лик. Драго ми е што ми помогна да го понесам товарот на новиот филм. Соработката со него беше вистинско уживање – изјавил тој по неодамнешната премиера во Лондон.

И Ди Каприо потврдил дека атмосферата на сетот била релаксирачка, а тоа многу ѝ помогнало на целокупната екипа.
– Квентин Тарантино секогаш придонесува за свежината на сетот. Тој секогаш внесува добри вибрации во целата приказна. Многу се зборува за филмот, се смееме и разговараме меѓу сцените – велат Бред и Леонардо.