Беси Смит – митската пејачка на блузот

31

Во 1920-тите години имаше една голема плејада квалитетни женски пејачки што ја прославија блуз и џез-музиката. Најголема од сите е Беси Смит, која е најпознатата пејачка на класичен блуз. Најголем и најславен вокал на блузот – блуз на инспирација на црниот човек и на неговата индивидуалност. Нејзиниот блуз е креативен импулс на тагата на афроамериканската популација во САД. Таа својот блуз го пееше како мотив и ритам со кој Афроамериканците пеат и играат кога се тажни, кога се откорнати од домот, далеку од семејството и разделени од блиските и од саканите. Кога Беси Смит пееше блуз таа едноставно нурнуваше во длабочините на својата имагинација и се обидуваше да ја отстрани тагата. Во најголема мера успеваше, иако тагата секогаш беше околу неа и нејзиниот блуз. Затоа и е наречена кралица на блузот.

Најекспресивна и највпечатлива блуз-интерпретаторка во историјата.
Имала тежок живот и ужасна смрт. Родена е на 14 април, 1894 година, во Чатануга, Тенеси, а умира на 26 септември, 1937 година, во Кларксдејл, Мисисипи. Во нејзиниот 43-годишен бурен и краток живот, содржано е сѐ што една пејачка ја прави специфична, посебна и неповторлива. Беси Смит почна да пее како девојче по улиците на кои се собирале патувачките блуз-пејачи и музичките минстрал-групи. Исто така пеела и во бордели и патувачки циркуси. Таму ја забележува легендарната Гертруда Ма Рејни, која ја посвојува, поддржува и ја научила како се чувствува, изразува и пее блуз-музиката. Френк Вокер, уметнички директор на издавачката куќа „Колумбија“, ѝ овозможува да снима во студио со оркестарот на Кларенс Вилијамс, па така во 1923 година ја снимаат композицијата „Down Hearted Blues“, истата таа ја издаваат на плоча, која се продава во повеќе од два милиони примероци.

Доживува брз успех и посакувана благосостојба, а потоа со иста брзина доаѓа на прагот на животна и материјална егзистенција и пее само за станарина и џин до опивање. Тоа е нејзиното завршно пеење за опстанок и гола егзистенција. Инаку, таа доживеа ужасна смрт: во сообраќајна несреќа беше повредена и ниту едно болничко и такси-возило не сакаше да ја превезе до болница. А кога на крајот тоа и се случи, во болницата не ја примија поради бојата на нејзината кожа, па таа им подлегна на повредите.

Но, непобитен факт е дека во своите настапи имаше величественост и сјај. До 1929 година музичката кариера ѝ беше во подем, имаше публика што ја сака, заработуваше големи хонорари, и што е најважно снимаше и настапуваше со најдобрите џез и блуз-музичари: Луј Армстронг, Џо Смит, Томи Ледни, Чарли Грин, Колмен Хокинс, Џејмс Пи Џонсон, Флечер Хендерсон, Џими Харисон и многу други. Располагаше со огромно богатство на вокалниот израз и на текстовите што блузот ги носи во себе.

Сето тоа, таа успеваше најдобро да го изрази со својот контраалт. На почетокот на кариерата пееше блуз со цврста музичка конструкција, но со текот на времето нејзиниот стил стануваше помек, но и понатаму изразуваше блуз во најчиста форма. Зад неа останаа запаметени антологиските верзии на нејзините блуз-песни како што се: „Down Hearted Blues“ (1923), „Yellow Dog Blues“ (1925), „Back Water Blues“ (1927), „Nobody Knows You When Youre Doyn And Out“ (1927). Сите овие блуз-класици се потврда дека Беси Смит е интерпретаторка на вистинскиот, искрен и блескав блуз.

Овие блуз-нумери се потврда дека нејзиниот контраалт беше навистина моќен и имаше драматични акценти: на моменти благ и нежен, а на моменти опор и строг. Ете таков беше контраалтот на Беси Смит, со кој таа ги воодушевуваше и освојуваше своите слушатели. Таа интерпретираше блуз со сета негова меланхолија и суровост.

Пееше за тешкотиите на животот, за проблемите на Афроамериканците во САД, за духовните падови, за душевните разочарувања и за сето она што ја отсликуваше драмата на растурените семејства, напуштените огништа, животната беда, неостварената љубов, пороците, но и за надежта дека ќе биде подобро. Во целата историја на џез-пеењето никој уметник не успеа да достигне таква популарност, со таков специфичен репертоар каков што беше нејзиниот. Притоа, многу битен беше и нејзиниот стил на пеење, во кој кратките фрази се вклопуваа во ритамот на едно општо движење со широк опсег, од што избиваше непоколеблив свинг.

Свинг придружен со изнијансирани развлекувања и префинети акцентирања. Ете зошто Беси Смит е најголема од сите. И со става, и со глас и по значење. Едноставно, пејачка со раскошен глас: богат, моќен глас, кој громогласно го пробиваше патот низ стиховите, мелодијата и ритамот.

Што уште да се каже и напише за митската Беси Смит? Овде би ја спомнал нумерата „St. Louis Blues“, која во 1925 година, повторно ја сними, во дует со Луј Армстронг и во придружба само на Гред Лонгшо на хармониум. Песната има воведен такт со хармониум како црковна песна, Беси непрекинато ја пее, а Луј во текот на изведбата само ја придружува на труба. Ритамот е бавен, а тие, преку него сплотени се во едно. Беси го дава блуз-чувството, а Луј маестралноста на џез-музицирањето како креација во мигот на импровизацијата. За оваа изведба, најпознатиот автор на џез, Јоаким Ернст, запишал дека е најзначајна во историјата на џез и блуз-музиката.

Тоа е резултат на талентирани и креативни изведувачи, какви што се Беси и Луј. Ете зошто Беси Смит е најголема, неповторлива и до денес ненадмината. Како музички уметник успеваше сите тешкотии на животот – болката, тагата, дискриминацијата и страдањата – да ги претвори во тажна музика. Нејзината тага дејствуваше симпатично и привлечно, при што зарипнатоста на нејзиниот глас беше крајна убавина. Од една страна беше нежна, суптилна и чувствителна, а од друга, груба, агресивна, егоцентрична и интригантна. Темна дамка во нејзиниот живот беше алкохолизмот.

Џинот беше алкохолен медиум што најлесно ја смируваше. Со сите доблести и мани таа ја имаше сета наклоност на онеправданите, маргинализираните и отфрлените. Уживаше речиси религиозен углед кај Афроамериканците. Нејзиното влијание на џезот и блузот е немерливо. Таа раскажуваше и пееше, при што тагуваше, но беше одважна и горда. На себе и на блузот што го пееше и живееше. Нејзините сонародници со темна боја на кожата и добрите познавачи на нејзиниот живот и дело велат дека скоро и не постои разлика помеѓу овие два поима: Беси Смит и блузот.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)