Аудиција за нови членови на хорот „Златно славејче“

52

Во просториите на Советот за грижи и воспитување на деца на градот Скопје, кој се наоѓа на улица Илинденска број 55, на 10, 11 и 12 април, со почеток во 18 часот, ќе се одржи аудиција за нови членови на хорот „Златно славејче“. Децата талентирани за пеење, на возраст од 7 до 12 години, ќе треба пред диригентката на хорот, Катерина Баталаковска, да испеат една детска песна или само рефрен, по сопствен избор.

– Децата можат да се обидат, пеејќи ги своите омилени песни, да станат дел од хорот „Златно славејче“, кој е неизоставен дел од истоимениот, најстар и најреномиран фестивал за детска песна кај нас, кој годинава ќе прослави 49 години постоење. Инаку конкурсот за нови песни веќе заврши и имаше голем интерес кај авторите, а сега треба да ги одбереме најубавите песнички што ќе бидат изведени на годинашното издание – вели Бобан Јосифовски, првиот човек на фестивалот.

Инаку, славејчињата ќе настапат на „Априлијадата“ во Скопје, како и на многу други манифестации, каде што се омилени гости.