„Астон мартинот“ на Џејмс Бонд – едно од најпосакуваните возила во своето време

34

„Силвер бирч астон мартин“ од 1965 година беше едно од најпосакуваните возила во своето време. Автомобилот вклучуваше многубројни интересни уреди што Џејмс Бонд ги користеше за да се одбрани од непријателите во филмовите. Тоа беше едно исклучително возило, главно бидејќи никој не можеше да го има, освен Џејмс Бонд.

Како што му објасни легендарниот мајстор за оружје Дезмонд Левелин на Шон Конери 007, металик сивиот „ДБ5“ бил опремен со предни и задни хидраулични сечила на браниците, 30-калибарски браунинг-митралез во секоj трепкач, панцирна плоча на извлекување зад задното стакло, радар вграден во инструмент-таблата, систем за испуштање чад, ротирачки регистарски таблички и систем за исфрлање седишта. Автомобилот бил опремен и со телефон што се наоѓал во вратата кај возачот, како и оддел скриен под возачкото седиште во кој имало неколку типа оружја.

Успехот на филмот „Голдфингер“ ја зголеми продажбата на „астон мартин ДБ5“ со досега невидено ниво на производство. Продуцентите на филмот, „Еон продукција“, исто така, ги забележаа огромните побарувања и потенцијалните маркетиншки можности. Во подготовките за нивниот следен филм, „Тандербол“, тие нарачаа уште две од возилата „ДБ5“. Двата автомобила беа идентично опремени со сите модификации како во „Голдфингер“ и беа испратени во Соединетите Американски Држави за промовирање на филмот „Тандербол“, но не беа користени во самиот филм.

„Астон мартинот ДБ5“, кој беше продаден на аукција во Калифорнија за 6,4 милиони долари, е еден од најлегендарните автомобили од филмовите за Џејмс Бонд