Анџелина Џоли се враќа со „Господарка на злото 2“

34

По пауза од пет години Анџелина Џоли се враќа во улогата на злобната вила Малефисент, во новото продолжение на филмот „Господарка на злото 2“, кој за неколку недели ќе почне да се прикажува и во кината кај нас. Во новото продолжение господарката на злото и принцезата Аурора, која ја глуми Ел Фенинг, почнуваат да се запрашуваат за комплицираната семејна врска што ги врзува и која ги носи во различни насоки со неочекувани сојузници и виши темни сили.

Првиот дел на филмот ја прикажа веќе добро познатата приказна на „Дизни“ за заспаната убавица од 1959 година, но гледана од перспектива на злобната вештерка, откривајќи ја причината за клетвата на бебето Аурора. Филмот заработи над 750 милиони долари на светскиот бокс-офис.

Злобната вила некогаш била убава млада жена со добро срце, која пораснала во мирно шумско кралство. Сепак, еден ден војска ја напаѓа нејзината земја и се заканува со уништување на хармонијата на заедницата. Малефисент во тој момент одлучува да биде најголем заштитник и борец против нападот, но токму таквиот нејзин чин ќе и предизвикува голема неправда. Оттогаш нејзиното добро и храбро срце се претвора во ладен камен и таа почнува битка против освојувачот на кралството, со тоа што за да му се одмазди фрла клетва врз неговата новородена ќерка Аурора. Како што расте детето, таа сфаќа дека Аурора го држи клучот за мир во кралството.

Од „Дизни“ објавија дека во продолжението на филмот, ќе се приклучи и актерката Мишел Фајфер, во улога на кралицата Ингрит, која се поставува како заштитник на принцезата Аурора. Освен Фајфер, во филмот ќе се појават и некои нови актери како Ед Скрајн, Харис Дикинсон и Чуетел Еџиофор.

Вториот дел на „Господарка на злото“ е во режија на Јоаким Ронинг, а според сценарио напишано од Мајка Фицерман-Блу и Ноа Харпстер. Филмот премиерно ќе биде прикажан на 18 октомври.