Андријана Јаневска се пробива на хрватскиот пазар

276

Соработката почнала по иницијатива на продуцентот М.М. Вили од Виена, кој е автор на музиката и на текстот, додека аранжманот го направи Јосип Шукер од Загреб. За песната „Дај пољуби ме“ е снимен и спот

Андријана Јаневска деновиве постојано е на релацијата Скопје – Загреб. Причина за тоа е промоцијата на песната „Дај пољуби ме“, која ја сними за тамошниот дискографски пазар, а во подготовка се уште шест песни, чија реализација е при крај. Соработката почнала по иницијатива на продуцентот М.М. Вили од Виена, кој е автор на музиката и на текстот, додека аранжманот го направи Јосип Шукер од Загреб.

– Оваа македонско-хрватско-швајцарска соработка се случи по иницијатива на М.М. Вили, кој ме нашол на Интернет, се заинтересирал за она што го работам и така почна оваа, се надевам, успешна музичка приказна. Инаку, пред две недели снимив спот за песната „Дај пољуби ме“, со убавините на градот Загреб, а премиерата се одржа во понеделникот, на ХРТ1, во емисијата „Добро утро Хрватска“, каде што ја отпеав песната и свирев на виолина во живо, а ја изведов и „Македонско девојче“. И другите песни ќе ги испеам на хрватски, а се дело на истите автори што ќе ги пласираме во текот на оваа и следната година. Потпишав договор со „Хамар медиа“ од Загреб, кои го водат пиарот овде и во регионот – ни откри Јаневска.

По премиерното емитување на песната во гледаната утринска програма на ХРТВ, реакциите биле повеќе од добри.

– Уште веднаш по емисијата, режисерот лично дојде да ми честита. Ми рече дека сите во студиото биле воодушевени. Инаку, „Добро утро Хрватска“ е најгледаната емисија таму. Односот кон мене беше максимално коректен, уредничката побара да отпеам уште една песна, а кога им предложив тоа да биде „Македонско девојче“, со задоволство прифатија. Реакциите на луѓето таму се исто така позитивни.

Неколкумина искоментираа дека сум била егзотична, па тоа го сфаќам како комплимент. И ним веројатно им е здодевно да слушаат т.н. испрана, стерилна музика, која ја сервира Западот – вели Андријана. Можноста да го покаже својот талент и надвор од нашите граници за неа значи многу.

– Пресреќна сум што добив една ваква шанса. Всушност, тоа е и суштината на музиката и уметноста воопшто, да се срушат границите и да се обединат луѓето. А соработката со М.М. Вили е навистина необична. Работевме околу три години само преку Интернет, а направивме два албума, на едниот свирам виолина, на другиот пијано, и тоа без воопшто да се видиме. Сѐ се одвиваше беспрекорно, па зошто сега и во иднина би било поинаку – вели таа.

Секако, оваа и другите нови песни за Андријана ќе значат и повеќе настапи, промоции, концерти…

– „Хамар медиа“ е задолжена за организацијата на сите настани, за промоција и дистрибуција на песната. Јас ќе доаѓам на настапи, настани и интервјуа онолку колку што реално можам, бидејќи сепак сум вработена во МОБ и имам обврски со децата.
Но доколку видиме дека добро ни оди, се надевам дека ќе потпишеме договор и за другите песни, кои веќе се снимени и подготвени за претставување во јавноста. Следните пет песни на хрватски, кои веќе се снимени, измиксани и мастерирани, ќе ги пласираме една по една во текот на оваа и следната година – најави Андријана.
Инаку, периодов таа ќе се насочи и на работата на нејзиниот докторат, кој е од областа на македонскиот фолклор.

– Освен што свирам виолина во МОБ, предавам на ФМУ и работам во студиото „Гиновски“ заедно со мојот сопруг Гино, морам да се фокусирам и на довршувањето на докторатот. Тука се снимањата за други изведувачи, правење аранжмани. Годинава планирам да испратам песни на конкурсите на „Макфест“ и „Златно славејче“ и да го издадам цедето „Бог и јас“, кое е циклус соло-песни за мецосопран, виолина, пијано и електрична гитара – ни откри Андријана дел од своите планови.