Америка стравува за исчезнатата актерка

1000

Актерката Наја Ривера исчезна во езеро во јужна Калифорнија, а нејзиниот 4-годишен син беше пронајден сам на бродот.

Полицијата верува дека 33-годишната ѕвезда од серијата „Гли“ се удавила, а потрагата по нејзиното тело е прекината во текот на ноќта и продолжува в четврток. Нејзиниот мал син Хозе Холис Дорси наводно изјавил во полицијата дека мама скокнала во водата и никогаш не се вратила.

Актерката изнајмила брод за да отиде на езерото Пира во средата околу 1 часот попладне. Четири часа подоцна друг брод го нашол нејзиниот син како спие сам на бродот и веднаш била повикана помош. Нуркачи, хеликоптер и беспилотни летала тргнале во потрага по актерката.

ТМЗ пишува дека на бродот била пронајдена нејзината јакна и дека момчето спиело кога го нашле само на бродот. Хозе сега е безбеден и е однесен кај неговото семејство.

Во својата последна објава на социјалните мрежи Ривера објави фотографија со својот син и напиша: „Само ние двајца…“

Во 2018 година таа и таткото на момчето, Рајан Дорси, се разведоа и оттогаш момчето живее само со неа.