Аманда Горман стана сензација во САД по настапот на инаугурацијата

127

Дваесет и двегодишната поетеса Аманда Горман која ја рецитираше поемата „Ридот што го искачуваме“ на инаугурацијата на Џо Бајден како 46-ти американски претседател, стана и модна сензација. Таа потпиша договор со модната агенција „Ај-ем-џи моделс“. Оваа агенција ги застапува Кејт Мос, Кара Делавињ, Џиџи и Бела Хадид и Мила Јовович, пренесува „Гардијан“.

Горман, која е родена и живее во Лос Анџелес, е и прв лауреат на наградата за национален млад поет. Црвената сатенска лента на „Прада“ што ја носеше за време на церемонијата на инаугурацијата доведе до распродажба на ова модно парче и особено на нејзиниот жолт капут, исто така на „Прада“. Нејзиниот изглед, според модниот пребарувач „Лист“, предизвика голема побарувачка по „жолти капути“ и зголемување на нивната продажба за 1.328 отсто.

– Јас сум црна жена со моќнен пишан збор и големо срце и сакам мојот изглед да ја отсликува таа гордост – изјави Горман за „Харперс Базар“, зборувајќи за нејзината љубов кон стилот.

Таа за списанието откри и дека обожaва „гласни фустани со кралски изглед, извезени со цвеќиња.

– Мислам дека му велам да на моето воспитување како афро-цветно дете во Лос Анџелес. Исто така ја обожавам супер стилската и пријатна трикотажа на Виктор Глемуд – кажа младата поетеса.

Потпишувањето на Горман се смета за остроумно од страна на упатените во модата. Додека брендовите се борат да се прилагодат на промените во модната индустрија како резултат на пандемијата, помладите купувачи се оградуваат од модните брендови кои не ги одразуваат нивните сопствени социјални, политички и еколошки проблеми.

Горман ја основаше добротворната организација „Едно пенкало, една страница“, која ги поддржува сиромашните млади луѓе преку пишување. Таа е подготвена да биде заштитно лице на модните брендови, но би сакала да направи повеќе од продажба на облека и да се поврзе на подлабоко ниво со своите клиенти.


Првата поетеса што ќе настапи на Супербоул

Аманда Горман ќе биде првата поетеса што ќе настапи на Супербоулот од НФЛ-лигата во американски фудбал, каде што следниот месец ќе ја изрецитира оригинална поема во чест на три лица кои служеле за време на коронавирусот, пренесуваат светските медиуми.

Комесарот на НФЛ Роџер Гудел соопшти дека едукаторот Тримејн Дејвис, медицинската сестра Сузи Дорнер и маринскиот ветеран Џејмс Мартин ќе учествуваат во фрлањето паричка пред почетокот на мечот закажан за 7 февруари во Тампа, во американската сојузна држава Флорида.