Александар Македонски и неговата војска пиеле вино од ашваганда

1747

Билка што дава виталност и коњска сила

Ашвагандата е една од најпознатите билки, која го подмладува организмот и има широк спектар на дејствување. Тоа е грмушка со средна големина, која достигнува до 1,70 м висина и дава мал црвен плод. Успева во краеви со топла клима, а потекнува од североисточниот дел на Индија. Успешно се одгледува во делови на Индија, Непал, Пакистан, Шри Ланка и Бангладеш. Има повеќе називи, на англиски, зимска цреша или индиски женшен, на латински – билка што дава сон, а буквално значи „мирис на коњ“, бидејќи има таков мирис. Може да се преведе и како билка што дава виталност и коњска сила.

Кратка историја
Оваа лековита билка се користи во традиционалната индиска медицина и е најпозната по тоа што има заштитен ефект на нервниот систем. Но поради широкиот спектар на дејствување таа нуди и многу други поволности по здравјето на луѓето. Александар Македонски и неговата војска пиеле вино од ашваганда за поголема снага и за лекување многу болести. Се верува дека Аполон прв ја пронашол оваа билка и му ја дал на Асклепиус – богот на медицината. Лековитото дејство на ашвагандата било познато многу одамна и таа играла важна улога во животот на луѓето од тоа време. Во Индија се користи илјадници години како тоник за подмладување на организмот.

Дејствување
Оваа чудесна билка има широк спектар на дејствување. Ги подобрува апетитот и варењето, помага при грчеви во желудникот, дејствува како тоник за срцето, ефикасна е кај хипертензија, им се препорачува на лица со висок крвен притисок, ја стимулира работата на срцето и ја подобрува циркулацијата на крвта. Исто така, влијае поволно на респираторните органи, му помага на телото да се ослободи од вишокот слуз и се препорачува за лица болни од астма и за болести на белите дробови. Таа ја нормализира работата на нервниот систем. Ја зголемува отпорноста на организмот при стрес и умор. Дејствува смирувачки на ендокриниот, кардиоваскуларниот и централниот нервен систем. Ги ублажува стресот, анксиозноста и несоницата. Многу е ефикасна за болести на нервниот систем. Ашвагандата ги стимулира работата на мозокот, помнењето и концентрацијата. Се користи за ревитализација на мозокот, се препорачува за Алцхајмерова болест и проблеми со помнењето. Ашвагандата е многу ефикасна и кога станува збор за хормонално нарушување. Хормоналната рамнотежа е пресудна за одржување на многу психофизиолошки процеси во организмот. Какво било растројство на ендокриниот систем може да предизвика штетни последици врз нашето здравје. Ашвагандата содржи одредени соединенија и алкалоиди, кои се ефикасни во нормализирање на работата на хормоните.
Кога станува збор за кожата – поволно влијае при егзема, лузни и псоријаза.

Имуностимулирачки својства
Оваа билка го јакне имунитетот и ја зголемува отпорноста на организмот од инфекции. Имуностимулирачките својства се потврдени и преку клинички истражувања. Особено е погодна за постари лица. Го штити организмот од вируси, бактерии и паразити. Ашвагандата се користи како тоник за виталност и долговечност. Ги зголемува издржливоста и снагата на организмот.
Лекари во Индија ја користат за превенција и лекување рак. И најновите клинички истражувања ги потврдуваат нејзините антиканцерогени својства. Таа успешно се бори со слободните радикали и го забавува процесот на стареење. Оваа билка се користи илјадници години за подмладување и за јакнење на организмот. Поседува антивоспалителни својства, поради што е ефикасна при лекување артритис и други ревматски болести. Ги намалува воспалението, отокот и болката во зглобовите.
Во врска со начинот на употреба, ашвагандата може да се користи орално и локално. Правот од билката може да се измеша со вода и таквата смеса директно се нанесува на болното место. Традиционално се користи во облик на прав, кој се добива со мелење и просејување на коренот на билката.