Албумот „Бела птица, црн бран“ на Пиколомини е приговор на реалноста

37

Скопскиот музичар Пиколомини вечерва, со почеток во 20 часот, во кафе-барот „Ла Кања“, во Старата скопска чаршија, ќе се одржи слушачка промоција на својот трет албум. По четири години од издавањето на претходното издание, овој артист се враќа со целосно нов материјал спакуван во 10 песни, со наслов ,,Бела птица, црн бран“.
Станува збор за музички провокативен преплет составен од песни во постпанк, индипоп и њувејв-манир, но со многу стилски варијации, кои го прават овој албум вистински предизвик за љубопитните слушатели.

Истовремено, албумот е политички силен приговор на реалноста, но и акт на музичка љубов и можно прибежиште за неприспособените на овој засега тешко разбирлив век, барем за оние родени и делумно пораснати во минатиот.

Како гости на овој материјал се појавуваат и вокалистките Кристина Горовска („Бернајс пропаганда“), Надежда Рубен („Поган паган“) и Соња Димитриоска (КЛО). Комплетниот материјал авторски и продукциски е потпишан од Давид Ангелевски, а фотографијата за обвивката ја изработи Иван Илиев.

Албумот,,Бела птица, црн бран“ ќе биде достапен на ЦД и во дигитален формат во издание на независната издавачка куќа „Шарла“.