Алберт Втори се согласи на ДНК-анализа, но ќе се бори да го затаи резултатот

104

По неколкумесечното противење, поранешниот белгиски крал Алберт Втори се согласи да даде свој примерок за ДНК-анализа, со што ќе се докаже дали е биолошки татко на Делфин Боел (51), која ја започна правната процедура, со цел да се здобие со официјално признание дека е дете на поранешниот крал, пренесува „Њујорк тајмс“.

Но, Алберт Втори и понатаму ќе се бори да го затаи резултатот.

Тестот за утврдување на татковство би можел да има сериозни последици, преку изложување на таинственото белгиско кралско семејство на јавни критики. Затоа, влогот е многу поголем од официјалното признание. Случајот, исто така, може да ја назначи тужителката, Делфин Боел, како наследничка на кралското богатство, кое е проценето на стотици милиони долари.

Судот пред шест месеци нареди ДНК тестирање, но кралот го одби ова барање и поради тоа судијата се закани дека ќе биде парично казнет во висина од 5.000 евра на ден се додека не прифати да подлежи на ДНК-тест.

– Неговото височество ќе го прифати тестирањето на крвта, кога веќе е принуден на тоа. Но тој ќе настојува резултатот да се држи во тајност додека Врховниот суд на Белгија ја уважи жалбата против ова наредба – изјавил завчера Гај Хернаукс, адвокатот на кралот Алберт.

Поранешниот монарх во февруари одби да подлежи на ДНК-тест за докажување на неговото таткоство во случајот со вонбрачното дете, кое тој наводно го посвоил во 1960 година, тврдење кое Алберт Втори го негира. Судот на Брисел тогаш му дал рок од три месеци на поранешниот крал да достави примерок од плунка за ДНК-тестирање.