Актерски перформанс со ритми од сите меридијани

46

Фестивалот на музика од светот во Битола

Од 18 до 20 септември во Битола ќе се одржи 12-то издание на Фестивалот на музика од светот.
– Поради пандемијата денес светот ни е домашниот амбиент, а нашите уметници ги поддржуваме целосно, зашто само така ќе ја спасиме културата. Оваа година музиката ќе се спои со актерскиот перформанс, со ритми од сите меридијани, за да потврдиме дека ова е фестивал на музика од светот, но создадена дома – изјави Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура – Битола, кој е организатор на овој фестивал.
Во трите фестивалски денови публиката ќе може да ужива на Хераклеја, каде што на 18 септември ќе биде изведен музичко-актерскиот перформанс „Патеки“, во изведба на Камерниот оркестар на Битола, а специјален гостин ќе биде членот на Операта во Малме, Шведска, Дарко Нешовски. Ќе ги слушнеме и солистите Наде Талевска, Бојан Стојков, Ирена Димовска, Тамара Стојковска, а ќе имаме можност да уживаме и во актерската игра на Анастазија Христовска, Здравко Стојмиров, Живко Борисов и Никола Стефанов. Целиот перформанс е во режија на Јован Ристовски. Локацијата е Хераклеја, а почетокот е во 19.30 часот.

На 19 септември е сместена ОФФ-програмата, со пладневен концерт на Кантри диџеј во „Интермецо“ и со вечерната програма, „Ноќ на џез“ во битолската „Порта џез“.
За последната вечер, на 20 септември, е најавен концертот на Владимир Четкар.
– Свирењето пред македонската публика е како враќање дома – изјави Четкар за концертот во Битола, кој ќе се одржи на локацијата Пацио на НУ Завод и музеј – Битола, со почеток 19.30 часот.
Целиот визуелен идентитет за фестивалот е дело на графичката дизајнерка Ангела Христовска, која има свое објаснување за крикот на уметникот за време на пандемија и неговиот гласен молк.

– Оваа ситуација нѐ научи да го запознаеме и прифатиме својот микрокосмос и да го сместиме светот во неговите граници. Миксот на кирилично-латинична типографија е симбол на тој свет, присилно сместен во границите на нашиот микрокосмос. И само уметноста ја има моќта да ги премине тие граници – објасни таа.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и од Општина Битола.