Аксвел и Ингросо покажаа зошто се едни од најбараните диџејски ѕвезди

38

Откако еден од најуспешните македонски диџеи, Александар Галоски, ја загреа атмосферата на стадионот на АРМ, со што почна годинашното издание на фестивалот „Скопје колинг“, почна одличната забава со главните ѕвезди на вечерта, ЕДМ-великаните Аксвел и Ингросо. Галоски на фестивалот дојде по успешната евроазиска турнеја, настапувајќи рамо до рамо со имиња како што се Мартин Гарикс, Хардвел, Афроџек и Ники Ромеро. На првата фестивалска вечер стадионот беше полн за повеќе од едночасовниот настап на светски познатите диџеи, кои на скопската публика ѝ приредија забава за паметење, особено со својот познат хит „More than you know“ и трибјутот за Авичи, со неговата најпопуларна „Wake me up“. Водечките тандеми на електронската музичка сцена Аксвел и Ингросо дојдоа првпат не само во Македонија туку и во регионот.

Шведското дуо што беше дел од популарните „Швидис хаус мафија“, со настапот на третото издание на фестивалот „Скопје колинг“, покажа и зошто се едни од најбараните диџејски ѕвезди од областа на светската електронска сцена – одлична продукција, впечатливи визуелни ефекти, многу пиротехника и енергичен настап е она што ова дуо го приредува за своите обожаватели, секаде каде што настапуваат низ светот.