Ако спиете свртени налево, телото и умот ќе ви бидат благодарни

796

Според голем број истражувања, позицијата што ја заземате за време на спиењето е навистина многу важна за квалитетот на вашиот ноќен одмор. Докажано е дека ако спиете свртени налево, вашето тело и ум ќе ви бидат многу благодарни. Зошто? Еве 7 добри причини за да ги послушате експертите.

Го подобрува варењето на храната
Дали родителите ви повторувале дека е лошо да се јаде пред спиење, зашто храната само ќе ви тежи во стомакот и ќе ве здебели? Во суштина, тоа не е точно – варењето продолжува, без разлика дали сте будни или спиете. Тогаш, зошто спиењето на левата страна би ги олеснило работите? Одговорот е: нашиот желудник е сместен одлево во абдоменот, па кога лежите свртени на таа страна, храната полесно преминува во дебелото црево. Исто така, помага желудникот да не го притиска панкреасот, а со тоа се поддржува слободниот проток на дигестивните ензими.

Вашето срце се одмора
Работата на срцето може да биде под влијание на најразлични фактори, од начинот на исхрана до квалитетот на воздухот во нашата животна средина. Затоа не е ни чудо што срцевите заболувања се најчестиот убиец кај возрасната популација во светот. За да го намалите тој ризик и да го одморите срцето, спијте свртени налево, дозволувајќи ѝ на гравитацијата да го стори своето. Вашата аорта носи крв од срцето кон целото тело, а го почнува својот пат правејќи лак налево. Кога лежите во позиција што ѝ одговара, срцето има помалку работа за да ја придвижи крвта.

Ја ублажува болката во грбот
Кој од нас не се разбудил барем еднаш вкочанет во грбот или вратот, бидејќи цела ноќ спиел во некаква чудна позиција? Спиењето на левата страна го намалува стресот на ‘рбетот. Колку помалку го притискате грбот, толку помал е напорот на мускулите да ја одржуваат нормалната состојба на телото. Наедно, и циркулацијата е подобра, па се намалува и воспалението на затегнатите мускули.

Го поддржува лимфниот систем
Овој систем има клучна улога во движењето на телесните течности, но и во одржувањето на добриот имунитет. Лимфата ги филтрира токсините и другите отпадни материи, така што нејзината блокада резултира со ослабено здравје. „Чистењето“ се одвива на левата страна, преку градниот канал, па затоа оваа позиција на телото дозволува гравитацијата да асистира во неговото нормално функционирање.

Помалку киселини и ждригање
Киселините и ждригањето може да се појават како последица од јадење пред спиење, но и поради многу други фактори. Интересно е што научниците открија дека спиењето на вашата лева страна доста ги намалува ждригањето и болката во стомакот, на тој начин што ја држи „спојката“ помеѓу желудникот и хранопроводот повисоко од нивото на желудочната киселина.

Им помага на бремените жени
Во телото на бремените жени се врши циркулација за две тела. Во меѓувреме фетусот постојано ја шири матката, вршејќи притисок врз ‘рбетот и другите органи. Кога жената лежи свртена налево, циркулацијата се одвива нормално, се намалува бебешкиот притисок врз мајчиниот грб, а се штити и црниот дроб од преголемо гмечење.

Го спречува ‘рчењето
Ова не значи дека нема повеќе да ‘рчите, зашто причините за негова појава се навистина многубројни. Но ако спиете свртени налево, ги држите грлото и јазикот во понеутрална позиција и го олеснувате доводот на воздух во телото. Додека спиеме, устата, грлото и јазикот се олабавени. Затоа спиењето на грб е најлош можен избор за оние што ‘рчат – јазикот паѓа наназад и може делумно да ги блокира дишните патишта. В.Б.Н