Ако одите на море оваа недела, прогнозите не се добри – студено време, дожд и ветер

536

Туристите што го испланирале годишниот одмор за последната недела на јуни, освен костимите за капење, ќе треба да понесат и потопла облека, бидејќи метеоролозите за повеќето туристички места во регионот предвидуваат постудено време, проследено со врнежи од дожд.

Црна Гора

Веќе од утре се најавува смена на сонцето и облаците, а во вечерните часови се очекува бура што ќе се задржи неколку дена.

Според метеоролозите, за вторник и среда е најавено посвежо време со температури пониски од просечните за овој период од годината, па ќе се движат околу 20 Целзиусови степени.

До среда ќе има врнежи, а од четврток следи разведрување што ќе потрае и за викенд, но температурите нема значително да се покачат и нема да надминат 30 степени.

Бурата што ќе биде со засилен интензитет, малку ќе го разлади Јадранското Море, кое овие денови е исклучително топло.

Грција

Грција е под силно влијание на циклон, под поле на низок воздушен притисок што носи дожд и бура.

Во поголемиот дел на Грција ќе биде облачно неделава со повремен пороен дожд, особено во вторник и среда. Најобилен дожд се очекува во Олимпискиот регион, Солун и Халкидики, па не е на одмет туристите да бидат внимателни поради евентуални поплави.

Со овој циклон првенствено ќе биде зафатен северот на Грција, а максималните температури ќе бидат до 20 степени, додека на југот ситуацијата ќе биде нешто поповолна, со топло, но облачно време и температури до 28 степени.

Од четврток следи стабилизација на времето, па во поголемиот дел од земјата ќе биде топло, но со температури на кои не сме навикнати за овој дел од годината.

Хрватска

Врнежи и студено време во Хрватска се најавуваат од утре, кога облачноста ќе се рашири над Истра и северен Јадран, додека во останатите делови ќе се задржи суво, но не многу топло време.

Максималните дневни температури ќе бидат во интервал од 24 до 27 степени за понеделник, вторник и среда. На северот на Јадран се очекува силна бура, но кон крајот на неделата се очекуваат нешто подобри временски услови.

Албанија

Слично време се очекува и на албанското крајбрежје. Нестабилно и врнежливо ќе биде во понеделник, вторник и среда, додека од четврток се очекува повремена стабилизација на времето.

Температурите ќе бидат во интервал од 25 до 27 степени.

Бугарија

Ниту на бугарското крајбрежје ситуацијата со времето не е ништо подобра. Неделава што претстои ќе биде проследена со врнежи од дожд, грмотевици и ветер, што ќе предизвика појава на повисоки бранови во Црното Море.

Температурите ќе бидат во интервал од 24 до 26 степени.

Стабилизација во јули

Благ раст на температурите во сите туристички места во регионот се очекува од почетокот на јули, кога тие ќе се искачат околу 30 степени, а времето ќе биде постабилно и со подолги сончеви периоди.