Австралиски научници тестираат две потенцијални вакцини

571

Научниците во Австралија започнаа со тестирање на две потенцијални вакцини против коронавирусот. Вакцините се направени на универзитетот „Оксфорд“, а американската компанија „Иновио фармасјутикл“ добила дозвола од Светската здравствена организација (СЗО) за тестирање на животни – пишува „Би-би-си“.
Австралиската национална агенција за наука ќе процени дали вакцините имаат ефект и дали тие ќе бидат безбедни за луѓето.

Првото тестирање на луѓе беше направено минатиот месец во САД, при што фазата на тестирање на животни беше прескокната. Низ светот се развиваат уште неколку вакцини за истата цел и тие процеси се одвиваат брзо. Меѓутоа, во Австралија се спроведува првото сеопфатно претклиничко тестирање на вакцините, кое ќе вклучува и тестирање врз животински модел. Научниците велат дека темпото на развој и глобалната соработка се без преседан.

Вакцините се дизајнирани да детектираат одредени протеини на коронавирусот во имунолошкиот систем и со тоа да ги стимулираат клетките на организмот да ги произведуваат тие протеини пред имунолошкиот систем да реагира на нив.
Првите резултати од тестирањето на животните се очекуваат во јуни, а доколку бидат успешни, клиничките тестови ќе започнат и надвор од лабораториите во Австралија.
Експертите сметаат дека се потребни минимум 18 месеци тестирање за да се исполнат сите стандарди. Сепак, тие се оптимисти, а причина за тој оптимизам е нивната голема соработка на глобално ниво.