Абориџините се првите луѓе што ја откриле Америка

416
Абориџини - раса што води потекло од Источна Африка

Најстарите човечки остатоци во Америка им припаѓаат на Абориџините

Во североисточниот дел на Бразил, кај Сера де Капивара, е откриена најстарата карпеста уметност во Америка. Пештерата е украсена со сцени од секојдневниот живот и во минатото се веруваше дека цртежите се творба на индијанското домородно население. Меѓутоа, новите откритијата укажуваат дека историјата на Америка треба одново да се напише.

Кај Сера де Капивара, археолозите исто така открија камени орудија за кои се верува дека стари околу 40.000 години, а открија и животински остатоци што се стари околу 50.000 години. Истражувачите веруваат дека станува збор за остатоци од храна, кои им припаѓале на првите луѓе што ја населиле Америка. Врз основа на ова откритие може да се заклучи дека американскиот континент бил населен од луѓе илјадници години пред пристигнувањето на Индијанците. Во минатото се веруваше дека Индијанците се првите луѓе што стапнале на американска почва. Индијанското домородно население му припаѓа на расниот тип познат како монголоид и тие се потомци на античките луѓе што живееле во Сибир. Пред околу 12.000 години, за време на ледената доба, постоел леден масив што ги поврзувал Сибир и Алјаска, преку кој Индијанците се населиле во Америка.

Меѓутоа, врз основа на новите откритија, научниците ги променија своите ставови. Во североисточниот и во југоисточниот дел на Бразил, археолозите ги пронајдоа најстарите човекови остатоци во Америка, кои се датираат пред околу 12.000 години. Черепите не се европејски, меѓутоа не се ниту индијански. Остатоците не ѝ припаѓаат на ниту една предисториска раса за која се знае дека ја населила Америка. Според истражувачите од Универзитетот во Сан Паоло, најстариот череп што е пронајден не припаѓа на монголоидниот тип, туку на раса што води потекло од Источна Африка и може да се сретне во реонот на Индиски Океан, на островите на југоисточна Азија и Австралија. Врз основа на овие докази, научниците заклучуваат дека Абориџините се првите луѓе што ја откриле Америка.

И покрај потврденото присуството на американските Абориџини, научниците се соочија со проблемот да објаснат на кој начин и преку која маршрута пристигнале тие во Америка. Абориџините не можеле да пристигнат преку Сибир и Алјаска бидејќи во ледената доба постоел леден масив што го попречувал нивниот пат. Врз основа на понатамошните истражувања научниците претпоставуваат дека Абориџините во Америка пристигнале по воден пат, а во прилог на нивното тврдење е откритието на најстарата претстава за брод во светот, откриена во една австралиска пештера, за која се верува дека е стара околу 50.000 години.

Научниците претпоставуваат дека Абориџините биле истребени од страна на новодоселените Индијанци, меѓутоа нови истражувања покажуваат дека домородното население што ја населува огнената земја – крајниот југ на Јужна Америка, се делумни потомци на американските Абориџини. Истражувачите веруваат дека пред околу 9.000 години, Абориџините и Индијанците започнале да се мешаат меѓу себе.