„Исправи се Делфина“ на Александар Ѓурчинов

Според податоците, Кинотеката на Македонија постигна рекордна посетеност и проекции изминатата година, а оттаму најавуваат дека годинава ќе се обидат да ја надминат таа бројка, со повеќе проекции и поатрактивни наслови, со позабавна и исклучителна филмска програма.

– Ако јануари беше месец обележан со рекорден број проекции на „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и на Тамара Котевска – номиниран за „оскар“ во две категории, и на „Врба“ на Милчо Манчевски, за кои се бараше билет повеќе, филмската програма за февруари ќе се обиде да ве анимира со богата програма. Во февруари имаме проекции на десетина наслови од поновата македонска играна и документарна продукција и копродукциски проекти: „Кобра“ на Игор Иванов-Изи, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, „Збор“ на Слободан Деспотовски, „Илузија“ на Светозар Ристевски, „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Жената на мојот живот“ на Антониј Дончев и „Пијавици“ на Драган Маринковиќ – најавуваат од Кинотека.

Февруари е традиционалниот термин за дводневниот фестивал на музички документарци „Скопје синема сити“, а веднаш по него следуваат Денови на словенечка култура. Во рамките на овие денови, а по повод 100 години од раѓањето на режисерот Франце Штиглиц, кој ја задолжи и македонската кинематографија со два играни филма, „Волчја ноќ“ и „Виза на злото“, ќе бидат прикажани неговите меѓународно наградувани филмови: „На својата земја“ и „Долина на мирот“, како и „Вистински копилиња“ на Јоже Бевц и „За душа“ на Матјаж Клопчич.

Редовната месечна проекција на Францускиот киноклуб го носи насловот „Дамјан сака да го промени светот“, а филмот по избор на институтот „Гете“ е „Три“ на Том Тиквер.
– Секако дека не ја заборавивме и неодамна починатата Неда Арнериќ, вистинска икона и на македонската кинематографија од 1960-тите и 1970-тите години. Во нејзина слава ќе бидат прикажани „Време без војна“ и „Истрел“ на Бранко Гапо, „Татко (Колнати сме, Ирина“ на Коле Ангеловски и „Исправи се Делфина“ на Александар Ѓурчинов. Февруари ќе биде и месец на Фестивал на иранско-македонскиот филм, во чии рамки покрај 8 играни наслови од поновата продукција ќе бидат прикажани и 4 успешни македонски филмски приказни: „Медена земја“, „Врба“, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески – велат од Кинотека.

Следуваат уште неколку исклучителни филмови од поновата продукција, како „Жал ни е што ве заборавивме“ на секогаш критично настроениот британски автор Кен Лоуч, „Предавникот“ на исклучителниот Марко Белокио, потоа францускиот филм „Двоен живот“ на Оливие Асајас, како и селекција на наградени краткометражни филмови на струмичкиот фестивал „Астерфест“. На 29 февруари ќе се одржи сценаристичка лабораторија со Димитар Банов, на која ќе биде прикажан „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс.