Познатиот филмски магазин „Холивуд репортер“ објави извонредна рецензија за „Врба“ на Милчо Манчевски. „Холивуд репортер“ е меѓу трите најголеми светски филмски магазини, заедно со „Вараети“ и „Скрин интернешенал“, кој пак исто така имаше одлична рецензија за филмот на Манчевски.

„Фасцинантен, заслепувачки“, вели во рецензијата Дебра Јанг, една од најреномираните американски критичарки, која е добар познавач на делото на Манчевски уште од неговиот прв филм „Пред дождот“.

Таа вели дека со „Врба“, Манчевски се враќа во својата родна Македонија.

– Три жени копнеат за мајчинство во „Врба“, филм чии сензуални слики и временски периоди кои продираат еден во друг потсетуваат на незаборавниот „Пред дождот“ на Манчевски кој во 1994 освои Златен лав во Венеција. Временската рамка скока од Средниот век до денес, но темата за мајчинството е бевременска и универзална – вели Јанг и продолжува:

– Комплексноста на овој навидум едноставен филм е како една приказна се влева во другата, и ја осветлува на неочекувани начини. Пример за ова е како Манчевски ги споредува ритуалите, молитвите и жртвите што стерилните средновековни двојки ги изведуваат за да добијат дете со модерните практики како вештачко и ин витро оплодување: колку се слични надежта и очекувањата на идните родители; колку непредвидлив е успехот или неуспехот на лекот. Најфините филмови на Манчевски – а овој секако е меѓу нив – се обележани со врвна емотивна слика и уверливо командување со камерата, што често користи екстремно крупни планови за да ја одбележи телесноста во клучните емотивни моменти. Во првата епизода, кинематографијата на Тамаш Добош е со заслепувачка текстура и создава елементарен свет од житните полиња, праисториските камења и испотените, неизбришани лица. Но сите ликови се внимателно изградени и фасцинантни. Како врбата од насловот на филмот, што е асоцијација за отпорност, како и за липање, тие се соочуваат со солзлива гама на човечки катастрофи и се изборуваат. Актерите се импресивни, но никогаш не најавуваат каде тргнале, всушност, расплетот на прикаските е непредвидлив, а крајот, иако убедлив, остава многу простор за размислување – вели Јанг.

Јанг вели дека младата Сара Климоска и Никола Ристески се „убедливи во нивните инстиктивни, нецензорирани реакции“, а „прекрасното Хеловин лице на Ратка Радмановиќ која ја игра неумоливата вештерка е за кошмари“, додека Камка Тоциновски игра со „природност до крајни граници“.

– Оваа приказна за копнежот да се стане родител, со убавиот изглед и префинетата актерска екипа ќе ги наполни арт кината – предвидува „Холивуд репортер“.