Со најава на насловната страница на веб-сајтот на „INALCO-Paris-Cite-Sorbonne“
започна десеттото, јубилејно онлајн-издание на Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа во Париз.

Оваа година, во официјалната конкуренција се избрани македонските филмови „Втора шанса“ од Марија Џиџева, документарниот филм „Кеиф“ од Блаже Дулев, како и краткиот филм „Јов“ од Александар Андоноски.

Со официјално писмо до претседателот на фестивалот и ректор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима Јордан Плевнеш, Министерството за култура на Република Франција извести дека останува покровител на фестивалите на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа во Париз и Берлин (SEE a Paris, SEE a Berlin), кои беа покренати уште во 2011 година, со цел интегрирање на балканските култури во Европа нашиот заеднички дом, како што велеше Таткото на ЕУ, Жан Моне.

Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.

Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со „Academia Balkanica Europeana“ фестивалот ги воведе признанијата Легенди на Југосточна Европа во која ги вреднуваше опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, Боро Драшковиќ. Оваа година виското признание му припадна на познатиот бугарски сценарист Ангел Вагенштајн (SEE Film Legend 2020). Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, Милена Зупанчич беа досегашни добитници на признанието Актер на Југоисточна Европа, а оваа година добитик на ова престижно признание е познатата актерка Арта
Доброши од Косово (SEE Actress 2020). Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, Фредерик Росиф (1922-1990), роден во Цетиње, Црна Гора – близок пријател на Абер Ками, Жан-Пол Сартр и Ернест Хемингвеј, кој го помина поголемиот дел од животот во Париз. Честа да ја понесе наградата, „Гран При Фредерик
Росиф 2020“ му припадна на францускиот документарист Патрик Ротман.

Наградата Европа Прима (Europa Prima 2020) и беше доделена на поранешната амбасадорка на Франција во Македонија, и сегашна Директорка на секторот за култура на МНР на Франција, Лоранс Оер.

Интернационалното жири на фестивалот во состав Макс Азуле, претседател, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле од Франција, како и Партиша Корбет и Роман Костовски од САД, покренаа иницијатива од наредната година фестивалот да има издание и во Вашингтон.