Новата концертна сезона 2018/2019 на Македонската филхармонија ќе почне на 27 септември, под името „Ново утро“, кога под палката на маестро Јерухам Шаровски од Израел ќе настапи францускиот пијанист Лука Дебарг, лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“. Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, ја најави целосната програма за новата сезона. Покрај комплексната редовна програма, оваа година по подолго време Македонската филхармонија ќе оствари три турнеи, во Казахстан, Кина и во Шпанија.

– Со оглед на имињата што ќе ги донесеме на нашата сцена, се надевам на поголемо интересирање од страна на публиката – рече тој.
Илиески ги најави настапите на магичниот руски виолинист Вадим Репин, на врвниот тромбонист Џозеф Алези, концертот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети „Гурфинкел“, кои ќе настапат на Новогодишниот гала-концерт, на Луси Хорш на барокна флејта, концертот на големиот руски пијанист, еден од најдобрите денес, Борис Березовски и др. На сцената ќе застанат уште тројца извонредни виолинисти – Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Латвија.

Програмата ќе биде збогатена и со композиции од македонски автори, а на подиумот ќе застанат и фантастичните македонски солисти: Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова-Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и нашите диригенти Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, а првпат со Филхармонијата ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена. Ќе бидат изведени и македонски дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица…